ПЕКИНГ ЗБОРУВА ЗА ПРОВОКАЦИЈА Милошоски за благодарност и дијалог
Милошоски појаснува дека средбата била во знак на благодарност и не го менува официјалниот став кон Пекинг.

Амбасадата на Кина во Македонија остро реагира по средбата на потпретседателот на Собранието, Антонијо Милошоски, со официјални претставници на Тајван во парламентот. Според нив, со тој чекор е прекршен принципот „Една Кина“, обврска која Северна Македонија ја презела при воспоставувањето дипломатски односи со Пекинг.
Собранието вчера официјално ја објави средбата и ја сподели на социјалните мрежи, но денес, по реакцијата на кинеската амбасада, објавата на веб-страницата станала недостапна. На средбата присуствувале и пратениците Фатмир Битиќи и Рашела Мизрахи, но реакцијата е насочена исклучиво кон Милошоски поради неговата висока функција.
Во соопштението на Амбасадата се наведува дека средбата со делегацијата на „Претставништвото на Тајпеј во Италија“ ја поткопува политичката основа на кинеско-македонските односи и испраќа погрешен сигнал до „сепаратистичките сили кои се залагаат за независност на Тајван“. Од амбасадата потсетуваат дека Милошоски, како поранешен министер за надворешни работи и претседавач со Комисијата за надворешна политика, морал да биде свесен за чувствителноста на ова прашање.
Тие прашуваат дали таквиот чин е во интерес на меѓународниот углед на Северна Македонија и дали се земени предвид последиците од „поткопување на основните интереси и територијалниот интегритет на голема сила“, како и потенцијалната штета по економските и развојните можности во односите со Кина.
По жестоката реакција од Амбасадата на Кина заради приемот на претставници на Тајван во Собранието, потпретседателот Антонијо Милошоски возврати дека официјалната политика на Македонија кон Пекинг останува непроменета и дека принципот „Една Кина“ се почитува.
Милошоски појасни дека средбата со делегацијата од Канцеларијата „Официјален Тајпеј“ во Рим била одржана во знак на благодарност за поддршката кон Клиниката за педијатрија и дека пратениците имаат легитимно право на контакти со „секој добронамерен соговорник“.
Тој смета дека ваквите средби не се закана, туку можност за мирен дијалог и размена на информации за прашања што го интересираат меѓународното општество.
Да потсетиме, македонско-кинеските односи веќе еднаш биле сериозно нарушени во 1999 година, кога тогашната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ ја призна независноста на Тајван. Како одговор, Кина ги прекина дипломатските односи и стави вето во Советот за безбедност на ОН за продолжување на мисијата УНПРЕДЕП во Македонија, што ја остави земјата без присуство на мировници во критичниот период на косовската криза и НАТО-интервенцијата во СР Југославија.

