ПОЛИЦИЈАТА БЕЗ ПАРДОН Уапсен и братот на претседателката на скопскиот кривичен суд
Акцијата на МВР се шири низ целата држава – приведени 11 лица од УЈП и Државниот пазарен инспекторат.

Утринава полициски службеници извршија претрес во Управата за јавни приходи во Штип, при што е приведен поранешен раководител на УЈП.
Од МВР потврдуваат дека акцијата се спроведува на повеќе локации низ целата држава:
„Полициски службеници од СВР Штип и ОВР Кочани, во соработка со Одделот за криминалистичка полиција и по насоки на ОЈО Кочани, преземаат активности на неколку локации. По завршувањето на акцијата јавноста ќе биде соодветно информирана“, соопшти МВР.
Обвинителството отвори постапки против повеќе лица во рамки на истрагата за трагедијата во Кочани, поврзана со корупција, злоупотреба и фалсификување документи.
Меѓу приведените е и Драган Паунов, вработен во УЈП – Штип, кој се сомничи за примање поткуп и оддавање службена тајна. Паунов е брат на в.д. претседателката на Кривичниот суд – Скопје, Даниела Димовска. Истражителите утврдиле дека тој бил во постојан контакт со синот на газдата на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов – Деко, комуникација што е дел од доказниот материјал.
Покрај Паунов, приведени се уште 10 лица, вработени и раководни лица од УЈП и од Државниот пазарен инспекторат, опфатени во проширената истрага поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, каде загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Против сите приведени се покренати кривични пријави за различни дела, вклучувајќи злоупотреба на службена положба, примање поткуп и фалсификување документи.

