КРАЈ ЗА МИЛЕВСКИ Македонија ќе добие нов селектор за баражот
Поразот од 7:1 ја отвори дилемата за идниот тренер пред мартовскиот бараж за СП 2026.

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски, изрази разочарување по убедливиот пораз од Велс со 7:1, во последното коло од квалификациите за Светското првенство 2026.
По овој резултат, Македонија ќе го чека жребот за плејофот преку Лигата на нации, каде што ќе започне од последниот, четврти барабан.
„Далеку бевме од нашата најдобра форма и едноставно не бевме на потребното ниво. Потфрливме во многу аспекти и не личевме на тимот кој претходно беше непоразен во 14 натпревари. Сепак, овие играчи се исти оние што ни донесоа многу радости и долго време не знаеја за пораз. Што се однесува до мене, нема дилема дека имам мотивација и желба да ја водам Македонија и понатаму – изјави Милевски.
Тој направи и анализа на убедливиот пораз:
„Не успеавме да се справиме со нивната агресивна игра. Сакам да им честитам на Велс. Целосно ја преземам одговорноста, тоа е секогаш моја должност. Начинот на кој загубивме боли уште повеќе од самиот резултат. Не можевме да одговориме физички, па ваков исход беше речиси неизбежен – додаде селекторот.
Меѓутоа, се погласно се зборува дека македонската сениорска фудбалска репрезентација ќе добие нов селектор за мартовскиот бараж за Светското првенство 2026. Досегашниот селектор, Благоја Милевски, нема да добие продолжување на договорот, кој му завршува по последниот квалификациски натпревар.
По поразот од Велс, кој предизвика жестоки критики, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија, Масар Омерагиќ, беше видливо разочаран и го напушти стадионот. Медиумите истакнуваат дека негативниот исход е продолжение на серијата натпревари во кои репрезентацијата покажува пад во форма, со претходни алармантни резултати против Летонија и Казахстан во Скопје.
Сепак, Милевски ќе присуствува на утрешната ждрепка за бараж натпреварите во Цирих, како што е договорено однапред.
Благоја Милевски ја презеде македонската репрезентација во 2021 година, наследувајќи го Игор Ангеловски на тренерското столче.
Од нашата група директен пласман на Светското првенство избори Белгија, додека Велс ќе игра во баражот како второпласиран тим.


