ВЛЕН: Коалицијата НАИ се распаѓа „парче по парче“

ВЛЕН тврди дека коалицијата АКИ никогаш немала јасна програма ниту политичка насока.

ВЛЕН: Коалицијата НАИ се распаѓа „парче по парче“
Фото: ВЛЕН

Коалицијата НАИ, која според ВЛЕН била формирана без јасна политичка насока, програма и заедничка визија, влегува во фаза на целосна дезинтеграција. Напуштањето на Алијансата за Албанците на Зијадин Села и повлекувањето на Кренар Лога, како што наведуваат од ВЛЕН, се доказ за длабока внатрешна криза и недостиг од кохезија во овој политички сојуз.

Во соопштението се посочува дека повеќемесечните несогласувања меѓу партнерите во НАИ ја претвориле оваа коалиција во „пример за неуспех“, наместо во политичка сила со јасен план и ориентација.

„НАИ беше само засолниште за лични интереси, а не проект кој им нуди перспектива на Албанците“, велат од ВЛЕН, додавајќи дека распадот е неизбежен кога политичката понуда нема идеологија ниту конкретни цели.

Од коалицијата нагласуваат дека додека НАИ се распаѓа „дел по дел“, граѓаните и значајни политички актери повторно ја препознаваат стабилноста и визијата што ја нуди ВЛЕН.

„ВЛЕН останува единствената консолидирана сила со јасна програма, визија и стабилна државна структура. Ќе продолжиме да работиме одговорно и транспарентно, во интерес на граѓаните и за изградба на сигурна иднина“, стои во реакцијата.

На крајот, коалицијата заклучува дека додека тие градат стабилност и перспектива, другите се соочуваат со распад на политички сојуз кој „никогаш немал вистинска причина за свое постоење“.

CATEGORIES
Share This