70 ГОДИНИ БРО – Традиција и современи предизвици
Министерката Јаневска и директорката на Бирото Тримчевска ја прославија долгата традиција и промовираа Монографија – 70 години БРО

Денес Бирото за развој на образованието одбележа седумдесет години од своето основање. На свеченоста, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, им се заблагодари на сите сегашни и поранешни вработени за нивниот придонес во градењето на националниот образовен систем, истакнувајќи дека се надева на уште многу успешни проекти и позитивни резултати.
„Министерството и Бирото имаат заедничка визија за развој на образованието, со цел добивање европскиот предзнак. Времето за земји во развој е скапоцено, особено за Македонија која претходно насочувала ресурси кон други приоритети наместо кон образованието“, рече Јаневска.
Министерката нагласи дека задачата на Бирото е комплексна – да состави мозаик од најмалите елементи во системот. Таа подвлече дека образованието мора да одговори на брзиот развој на дигиталните технологии, вештачката интелигенција, миграциите, нискиот наталитет и новите потреби на учениците и наставниците.
„Образовниот систем треба да биде отворен за секое дете, да ги поддржува наставниците и да обезбеди современи, разбирливи учебници и наставни програми кои развиваат знаење, вештини и вредности според европските стандарди и барањата на пазарот на труд“, истакна Јаневска.
Таа потенцираше дека квалитетното образование бара соработка на сите сегменти од општеството – училиштата, родителите, локалната заедница, реалниот сектор и медиумите.
„Со доверба и посветеност кон реформите ќе ја покажеме благодарноста кон сите кои придонеле за развојот на образованието во изминатите седум децении“, додаде Јаневска.
На свеченоста зборуваше и директорката на Бирото за развој на образованието, м-р Милка Тримчевска, а беше промовирана и Монографија – 70 години БРО.

