ТЕНЗИИТЕ РАСТАТ – Кинески бродови навлегоа во јапонски води
Инцидентот се случува по изјавите на јапонскиот премиер за можен одговор кон Кина поради Тајван.

Четири вооружени бродови на кинеската крајбрежна стража утрово влегоа во јапонските територијални води, соопшти јапонската крајбрежна стража.
Пекинг наведува дека бродовите биле на патрола за да ги заштитат своите територијални права во спорните води околу островот Џиаоју, кој во Јапонија е познат како Сенкаку.
„Ова беше законска патролна операција за заштита на нашите права и интереси“, се вели во соопштението од кинеската крајбрежна стража.
Јапонската страна информира дека бродовите претходно минувале околу островите Сенкаку, кои се предмет на постојани територијални спорови помеѓу Јапонија и Кина.
Инцидентот следи по изјавите на јапонскиот премиер Санае Такаичи дека хипотетички кинески напад врз Тајван би можел да предизвика воен одговор од Токио. Кина реагираше со силен протест, повикувајќи ја Јапонија да ги повлече овие изјави.
Генералниот конзул на Кина во Осака коментираше:
„Валканата глава што штрчи мора да се отсече“, што предизвика негодување во Токио.
Потоа Пекинг го повика јапонскиот амбасадор по повеќе од две години и предупреди дека секоја јапонска интервенција ќе биде осудена на неуспех.
Кина ги советуваше своите граѓани да не патуваат во Јапонија, а три кинески авиокомпании дозволија бесплатен поврат или замена на билетите за Јапонија.
Министерството за одбрана на Јапонија соопшти дека во изминатите 24 часа забележало 30 кинески воени авиони околу островот и седум воени бродови во регионот на Тајван.
Кина ја смета територијата на Тајван за своја и не ја исклучува можноста за употреба на сила, додека владата на Тајван ги отфрла кинеските тврдења за суверенитет.

