АХВ ЗАТВОРА ОБЈЕКТИ И УНИШТУВА ОПАСНА ХРАНА – Учениците биле изложени на ризик
Контролите биле насочени кон објекти во близина на основни и средни училишта.

Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во изминатите десет дена спроведе 445 инспекциски контроли кај оператори со храна и притоа изрече 15 забрани за вршење дејност. Во акцијата, како небезбедни беа запленети и нештетно уништени 696 килограми храна, дел од кои потекнуваа од непознати добавувачи.
Специјален акцент инспекторите ставиле на објектите што се наоѓаат во близина на основни и средни училишта, каде што учениците најчесто набавуваат храна.
Според извештајот на АХВ: кај 19 оператори била затекната небезбедна храна во промет, кај 30 биле утврдени незадоволителни хигиенски услови а кај 26 субјекти воопшто не биле регистрирани како оператори со храна.
Понатаму, 16 оператори немале имплементирано процедури за Добра хигиенска и Добра производствена пракса, а кај 32 не бил извршен задолжителниот здравствено-санитарен преглед на вработените. Тројца оператори не спровеле редовна дезинфекција, дезинсекција и дератизација, а седум објекти не ги исполнувале техничките услови за работа. Несоодветно означена храна била најдена кај седум оператори.
За сите констатирани неправилности, АХВ изрече парични казни на 77 оператори, во вкупен износ од 36.470 евра во денарска противвредност. Дополнително, издадени се 103 решенија со наредби за отстранување на утврдените недоследности и 23 опомени.

