ИНЦИДЕНТИ НА ЗАДУШНИЦА Уапсен лажен поп, ограбена 74-годишна жена
Лажно лице се претставувало како свештеник и нудело да „пее“ за покојниците. Полицијата го легитимирала и уапсила на местото на настанот, додека верниците останале зачудени.

На Задушница, во саботата, на гробиштата во Скопје се случија два инциденти.
Првиот инцидент се однесува на лажно лице, претставувајќи се како свештеник, кое нудело да „пее“ за покојниците на гробиштата во Ѓорче Петров.
„На 01.11.2025 година, на гробиштата во Ѓорче Петров, полициски службеници од ОКР Ѓорче Петров, постапувајќи по претходна пријава, го легитимирале Б.П., кој извршувал верски активности. Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, потврди МВР за „Слободен печат“.
Човекот бил уапсен на местото на настанот, додека верниците останале зачудени.
Во вториот случај, на гробиштата во Горно Лисиче, старица на 74 години била ограбена.
„На 01.11.2025 година, во 11:20 часот, Д.Б. од Скопје пријавила дека околу 9:50 часот, во близина на гробиштата во Горно Лисиче, две лица физички ја нападнале и ѝ го одзеле паричникот со пари и документи.
Се преземаат мерки за расчистување на случајот“, информира полицијата.


