(ВИДЕО) НОВ УДАР ЗА МОНАРХИЈАТА Кралот Чарлс понижeн од демонстрант поради скандалот со принцот Ендру

И покрај јавниот притисок и бројните обвинувања, принцот Ендру продолжува да ги негира сите наводи против него, додека довербата во британската монархија повторно се тресе.

(ВИДЕО) НОВ УДАР ЗА МОНАРХИЈАТА Кралот Чарлс понижeн од демонстрант поради скандалот со принцот Ендру
Фото: Принтскрин

Британскиот крал Чарлс доживеа непријатна ситуација за време на посетата на катедралата во Личфилд, откако беше пречекан од демонстрант кој гласно го прашуваше за скандалот што повторно го опкружува неговиот брат, принцот Ендру.

Последните недели донесоа нов бран контроверзии за британската кралска фамилија. Скандалите поврзани со Ендру и неговата поранешна сопруга Сара Фергусон повторно ја ставаат монархијата под силен притисок.

Откако излегоа нови информации за блиските односи на принцот Ендру со осудениот сексуален предатор Џефри Епштајн, 65-годишниот брат на кралот беше принуден да се откаже од сите преостанати титули, вклучувајќи ја и онаа на војвода од Јорк. Сè повеќе јавни гласови бараат тој да го напушти и својот дом – раскошната кралска ложа „Ројал Лоџ“, каде што живее без да плаќа кирија.

Ситуацијата се одрази и врз кралот Чарлс, кој за време на јавниот настап пред катедралата беше исвиркан и вербално нападнат од активист, член на антимонархистичката организација „Република“. Демонстрантот му поставуваше прашања како:

„Колку долго знаете за Ендру и Епштајн?“,

„Дали побаравте од полицијата да го прикрие вашиот брат?“

Кралот остана прибран и не реагираше, додека присутните граѓани му довикуваа на активистот да престане.

Во меѓувреме, британските медиуми пишуваат дека принцот Ендру и Сара Фергусон се согласиле да го напуштат „Ројал Лоџ“, но побарале нови домови како компензација. Ендру наводно ја посакува куќата „Фрогмор“, поранешен дом на Хари и Меган, додека Фергусон ја разгледува резиденцијата Аделаида, која ја користеа Вилијам и Кејт.

Новите тензии дојдоа по објавувањето на мемоарите на Вирџинија Џуфре – жртва на Епштајн, која го тужеше принцот Ендру во 2022 година. Случајот беше затворен со тајна спогодба вредна 10 милиони фунти. Џуфре тврди дека принцот барал договор за молчење за да избегне скандал во пресрет на платинскиот јубилеј на кралицата Елизабета.

И покрај јавниот притисок и бројните обвинувања, принцот Ендру продолжува да ги негира сите наводи против него, додека довербата во британската монархија повторно се тресе.

CATEGORIES
TAGS
Share This