СЕРИЈА ОД НАД 100 ПОТРЕСИ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА – 18 повредени, урнати згради и затворени училишта

СЕРИЈА ОД НАД 100 ПОТРЕСИ ПО ЗЕМЈОТРЕСОТ ВО ТУРЦИЈА – 18 повредени, урнати згради и затворени училишта

Над 100 последователни потреси беа регистрирани по силниот земјотрес со јачина од 6,1 степен според Рихтеровата скала, кој синоќа го погоди регионот Баликешир во западна Турција. Најсилниот од афтершоковите бил со јачина од 4,4 степени, а потресите се почувствувале и во Истанбул и околните провинции.

Турскиот министер за внатрешни работи Али Јерликаја соопшти дека по земјотресот се примени 504 пријави, од кои 25 се однесуваат на структурни оштетувања на објекти.
„Досега се повредени 18 лица, но за среќа нема загинати,“ изјави министерот, додавајќи дека сите надлежни служби се на терен.

Гувернерот на Баликешир, Исмаил Устаоглу, изјави дека се урнале три ненаселени згради и една двокатна продавница во центарот на Синдирги, кои претходно биле оштетени во земјотресот од август.
„Имаме 22 граѓани кои побарале лекарска помош, од кои четворица се веќе отпуштени од болница. Нема жртви,“ нагласи Устаоглу.

Како мерка на претпазливост, училиштата во Баликешир денеска не работат, а бремените жени и лицата со попреченост вработени во јавниот сектор се пуштени на административен одмор.
Слична одлука е донесена и во пет области на соседната провинција Маниса – Акхисар, Сома, Демирџи, Кирикагач и Гердес, каде што наставата е прекината за еден ден.

Телото за управување со катастрофи и вонредни ситуации – АФАД соопшти дека земјотресот се случил во 22:48 часот по локално време, на длабочина од само 5,9 километри, што ја зголемило неговата сила на површината.
Институцијата потсети дека идентичен земјотрес со јачина од 6,1 степен се случил во истиот регион и на 10 август оваа година, но синоќешниот бил поблиску до површината, па затоа бил почувствуван поинтензивно.

АФАД ги предупреди граѓаните да не влегуваат во оштетени згради и да избегнуваат престој во нивна близина.
„Избегнувајте области со висок ризик, користете СМС или интернет пораки за комуникација и следете ги официјалните соопштенија,“ се наведува во предупредувањето.

Иако материјалната штета сè уште се проценува, властите уверуваат дека сите спасувачки и противпожарни тимови остануваат во готовност. Турција, која се наоѓа на активна сеизмичка зона, и натаму се соочува со постојани ризици од вакви силни потреси.

CATEGORIES
Share This