МИЦКОСКИ НАЈАВУВА ИСТОРИСКА ПОБЕДА Филипче на терен со нов старт

Во првиот круг на 19 октомври изборите завршија во 43 општини.

МИЦКОСКИ НАЈАВУВА ИСТОРИСКА ПОБЕДА Филипче на терен со нов старт
Фото: Национал

Вториот круг од локалните избори ќе се одржи точно за една недела – на 2 ноември. Според податоците на Државната изборна комисија, гласање ќе има во 32 општини и во Градот Скопје. Во наредните денови кандидатите за градоначалници ќе ја засилат кампањата со митинзи и средби со граѓаните.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, денеска ќе одржи маалски митинзи во Брвеница, каде ќе му се придружи кандидатот за градоначалник Јовица Илиевски, како и во скопските општини Центар, Карпош и Долно Нерези, каде ќе се обрати и кандидатот Сотир Лукровски.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, денеска ќе ја посети Општина Аеродром, каде ќе даде изјава за медиумите.

Вчера, караванот на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата одржа мини митинзи во Лозово, Росоман, Демир Капија и Неготино. Мицкоски од овие собири ги повика граѓаните на масовност во вториот круг, со цел, како што рече, да се заокружи историски најголемата победа на ВМРО-ДПМНЕ со вкупно 59 освоени општини. Тој потсети дека партијата во првиот круг доби 33 градоначалници, наспроти три на СДСМ, што, според него, претставува резултат 11 спрема еден, а во втор круг учествува во 26 општини.

Оваа недела се очекува и телевизиски дуел меѓу кандидатите за градоначалник на Град Скопје – Орце Ѓорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ и Амар Мециновиќ од Левица. Темите на нивната кампања досега беа фокусирани на управувањето со отпадот и чистотата во градот.

Ѓорѓиевски најави дека, доколку победи, во првите 72 часа од мандатот ќе организира голема акција за чистење на Скопје, во која ќе бидат вклучени сите општини, јавни претпријатија и општествено одговорни компании.

Мециновиќ, пак, презентираше план за санација и реформа на јавното комунално претпријатие и воведување современи технологии за третман на отпад, кои, според него, веќе се применуваат во повеќе европски градови.

Активности имаа и кандидатите на СДСМ во неколку скопски општини. Кандидатот за Центар, Горан Герасимовски, синоќа беше на терен, во директни средби со граѓаните. Тој најави проекти за нов дом за стари лица, изградба на градинка, ограничување на сообраќајот во Дебар Маало и поставување на монтажни катни гаражи.

Кандидатот за Аеродром, Александар Трајановски, најави целосна транспарентност на општинските финансии, јавен увид во буџетските трошоци и отворени денови со градоначалникот и советниците, достапни за секој граѓанин.

Во меѓувреме, заврши рокот за пријавување на болни и немоќни лица за гласање, а за два дена истекува рокот за пријава на лицата во домашен притвор. Тие, како и затворениците и лицата во старските домови, ќе гласаат еден ден пред изборите – на 1 ноември.

Од ДИК информираат дека е во тек пријавувањето на набљудувачите за вториот круг. Комисијата, на јавна седница во четвртокот, ги одби сите 57 приговори поднесени за првиот круг. Од нив, 37 се однесувале на постапката за утврдување и сумирање на резултатите, а 20 на самото гласање.

Во првиот круг на 19 октомври изборите завршија во 43 општини. Во Гостивар, Маврово и Ростуше, Врапчиште и Центар Жупа, каде што излезноста беше една третина од запишаните гласачи, постапката ќе се повтори во рок од 60 дена од објавувањето на конечните резултати.

CATEGORIES
Share This