ДУИ УДИРА НА МАСА Само предвремени избори можат да ја спасат државата!
Коалицијата, според ДУИ, извојувала победи во повеќе општини - Гостивар, Липково, Врапчиште, Пласница и Чашка, а во Тетово, Кичево, Струга, Боговиње и Студеничани ќе се натпреварува во втор круг.

Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска објави дека Централното претседателство едногласно донело одлука да побара распишување на предвремени парламентарни избори.
Во соопштението се нагласува дека овој став е заеднички и со коалициските партнери во рамките на Националната алијанса за интеграција (НАИ), која, според ДУИ, ја ужива поддршката на мнозинството граѓани во земјата.
„По три изборни циклуси – претседателски, парламентарни и локални волјата на граѓаните е јасна и недвосмислена, во поддршка на НАИ“, стои во соопштението.
ДУИ потсетува дека во изминатите година и пол граѓаните три пати ја потврдиле довербата во коалицијата, која, според нивните податоци, е „неоспорен победник на национално ниво“.
Како аргумент, партијата наведува податоци од последните локални избори: предност од над 23.000 гласа на изборите за општински совети, 21.000 гласа разлика во трката за градоначалници, 159 советници наспроти 122 од спротивниот политички блок и проценка дека, доколку истовремено се одржеле парламентарни избори, НАИ би освоила 20 пратеници, наспроти 15 на ривалите.
Коалицијата, според ДУИ, извојувала победи во повеќе општини – Гостивар, Липково, Врапчиште, Пласница и Чашка, а во Тетово, Кичево, Струга, Боговиње и Студеничани ќе се натпреварува во втор круг.
ДУИ нагласува дека предвремените парламентарни избори се единствен пат кон политичка и институционална стабилност, предупредувајќи дека игнорирањето на волјата на граѓаните би било „неразумно и антидемократско“.
„Нека одлучи народот кој ја има легитимноста да ја води државата и да го продолжи евроатлантскиот процес, еднаквото претставување и политичката стабилност“, порачаа од партијата.
Во заклучокот, ДУИ испрати јасна порака:
„Граѓаните зборуваа јасно. Сега е време политиката да слуша. Ајде, веднаш да одиме на предвремени парламентарни избори!“


