УНГАРИЈА БАРА НАЧИНИ ДА ГИ ЗАОБИКОЛИ САНКЦИИТЕ ПРОТИВ РУСКАТА НАФТА Разгледуваме можности да ги заобиколиме, истакна Орбан
Орбан, кој често се спротивставува на заедничката политика на ЕУ кон Москва, повтори дека Унгарија ќе ја стави националната енергетска сигурност над политичките одлуки.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека неговата влада активно разгледува можности за заобиколување на американските санкции што неодамна беа воведени против руските нафтени компании.
Во интервју за државното радио „Кошут“, Орбан откри дека разговарал со претставници на унгарската нафтена и гасна компанија МОЛ за тоа како земјата може да ги ублажи последиците од санкциите врз својата енергетска безбедност.
„Работиме на решенија што ќе овозможат стабилно снабдување со енергија, без оглед на надворешните политички притисоци“, изјавил премиерот.
Американскиот претседател Доналд Трамп во средата воведе нов пакет санкции против Русија – прв во неговиот втор мандат – насочен кон нафтените гиганти „Лукоил“ и „Роснефт“. Според експертите, овие мерки би можеле значително да влијаат врз европскиот енергетски пазар, особено земјите како Унгарија, кои во голема мера зависат од руската нафта и гас.
Орбан, кој често се спротивставува на заедничката политика на ЕУ кон Москва, повтори дека Унгарија ќе ја стави националната енергетска сигурност над политичките одлуки. „Ќе најдеме начин да ја заштитиме нашата економија и нашите граѓани“, нагласи тој.

