НЕ ПОСАКУВАМ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ – Ако опозицијата ги бара може и да ги добие

Во рамките на одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба - кога во 1893 година била основана Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација - премиерот порача дека овој датум не е само историски спомен, туку и завет.

НЕ ПОСАКУВАМ ПРЕДВРЕМЕНИ ИЗБОРИ – Ако опозицијата ги бара може и да ги добие
Фото: Влада

Премиерот Христијан Мицкоски повторно го актуализира прашањето за можни предвремени парламентарни избори, откако пред околу две недели го спомена како опција. Во своето обраќање по повод 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, тој ѝ се обрати на опозициската СДСМ, коментирајќи ги нивните калкулации за бројот на можни пратенички места според резултатите од локалните избори.

„Ќе им оставиме време на опозиционерите да се консолидираат и да размислат дали ќе се осмелат да одат на предвремени избори. Јас лично не ги посакувам, сметам дека се непотребни и дека сега е време за резултати и голема офанзива на секое поле. Но нивната ‘весела математика’, постојаното надмудрување и создавањето на вештачки теми и блефови треба да добијат соодветен одговор. Затоа нека внимаваат што зборуваат и што посакуваат – може и да им се оствари“, изјави Мицкоски.

Премиерот се осврна и на Демократската унија за интеграција, порачувајќи дека резултатите од изборите се јасна порака од граѓаните дека повеќе не сакаат политиканство и злоупотреба на етничките теми за лични интереси.

„Овој резултат е последица на тоа што тие не сфатија дека додека зборуваат за орли, јастреби и зајци, народот е изморен од чекање на подобар живот – живот што повеќе од две децении не го доби од таа политичка партија. Го слушнав и нивното барање за предвремени парламентарни избори, но тоа е обид да го сопрат својот пад, кој е повеќе од очигледен. А таа удолница по која тргнаа е пострмна и од онаа што води од Стража кон Зајас“, рече Мицкоски.

Во рамките на одбележувањето на Денот на македонската револуционерна борба – кога во 1893 година била основана Внатрешната македонско-одринска револуционерна организација – премиерот порача дека овој датум не е само историски спомен, туку и завет.

„Тоа е повик кон сите нас да ја чуваме Македонија и да бидеме достојни наследници на оние кои се бореа и ни ја подарија слободата“, истакна Мицкоски.

CATEGORIES
Share This