УПРАВНИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ Партијата со мртов кандидат на листата останува без гласови

Случајот стана јавен вчера, откако Комисијата соопшти дека на поднесената листа имало предложен кандидат кој е починат

УПРАВНИОТ СУД ПРЕСЕЧЕ Партијата со мртов кандидат на листата останува без гласови
Фото: Национал

Политичка партија ја изгуби тужбата пред Управниот суд против одлуката на Државната изборна комисија (ДИК), со која беше поништена нивната листа за Совет на Град Скопје поради тоа што меѓу кандидатите се нашло починато лице. Со оваа пресуда, одлуката на ДИК останува во сила.

„Сите евентуални гласови дадени за оваа партија на изборите за Совет на Град Скопје ќе се сметаат за неважечки. За тоа веќе се дадени насоки до избирачките одбори во Скопје,“ изјави претседателот на ДИК, Борис Кондарко.

Случајот стана јавен вчера, откако Комисијата соопшти дека на поднесената листа имало предложен кандидат кој е починат. По добиени информации, ДИК прибавила извод од матична книга на умрени и утврдила дека лицето не може да биде кандидат, бидејќи нема дадено лична и неотповиклива изјава за прифаќање на кандидатурата, како што пропишува Изборниот законик.

„Поради тоа, ДИК ја поништи потврдената листа и писмено го извести Јавното обвинителство, кое ќе ги провери податоците и ќе постапи согласно своите надлежности,“ додаде Кондарко.

Членот на Комисијата, Александар Даштевски, потсети дека вакви ситуации не се првпат:

„И минатата година беше поднесена листа со починато лице, која ја отфрливме. Документите тогаш беа предадени на Обвинителството, што отвори кривична постапка,“ рече тој.

CATEGORIES
TAGS
Share This