ТАЈНА МИСИЈА ВО МОСКВА – Македонски владици на литургија со Кирил

Петар се вбројува меѓу ретките православни архиереи, надвор од Српската и Бугарската црква, кои присуствувале на литургија со Руската православна црква по почетокот на војната во Украина и по контроверзната поддршка што патријархот Кирил ѝ ја дава на руската воена интервенција.

ТАЈНА МИСИЈА ВО МОСКВА – Македонски владици на литургија со Кирил

Преспанско-пелагонискиот митрополит Петар, заедно со својот викарен епископ Никола, деновиве престојува во Русија, каде што учествува на литургија предводена од рускиот патријарх Кирил, објави порталот „Религија“.

Богослужбата се одржала во манастирот „Свети Сергеј Радоњишки“ во Сергиев Посад, близу Москва, а на неа присуствувале и митрополитот Антониј – шеф на руската црковна дипломатија – како и повеќе архиереи од Руската православна црква.

Посетата на владиците Петар и Никола не била јавно најавена. Ниту епархијата, ниту официјалниот црковен портал „Литургија“ објавија информации за нивното патување во Москва.

Според „Религија“, ова е првпат македонски архиереи да сослужуваат со патријархот Кирил по почетокот на руската инвазија врз Украина. На литургијата, двајцата владици се молеле за „победа на Русија“ и за „спасение на Света Рус“ – молитва што рускиот патријарх ја вклучи во богослужбите откако Москва изврши окупација врз делови од Украина, чин што мнозинството православни цркви го оценија како ерес.

Владиката Петар, според истиот извор, имал намера да ја посети Русија и пред околу две години, но патувањето тогаш не било реализирано поради затегнатите дипломатски односи меѓу двете земји. Русија тогаш ја вброи Македонија меѓу „непријателските држави“, а безбедносните служби наводно не го одобриле заминувањето.

Не е познато на кој начин сега била овозможена посетата, особено по неодамнешниот случај кога на рускиот архимандрит Васијан Змеев му беше забранет влез во Македонија.

Петар се вбројува меѓу ретките православни архиереи, надвор од Српската и Бугарската црква, кои присуствувале на литургија со Руската православна црква по почетокот на војната во Украина и по контроверзната поддршка што патријархот Кирил ѝ ја дава на руската воена интервенција.

CATEGORIES
Share This