ФАБРИКА, ПАЗАР, ДОМ НА КУЛТУРА – Светла Алексиќ-Цеца со конкретни проекти за Лозово
Мојата врата како градоначалничка ќе биде секогаш отворена, затоа што силата е во луѓето

Моите ветувања произлегуваат од бројните средби и разговори со жителите на Лозово, кои најдобро ги познаваат проблемите што бараат решенија – изјави за „Национал“ кандидатката за градоначалник на општина Лозово, Светла Алексиќ-Цеца.
„Од сето тоа што е идентификувано како приоритети, би издвоила неколку клучни прашања: Системски откуп на земјоделските производи, обезбедување редовен превоз на релација Лозово – Свети Николе, воспоставување целосна соработка со подрачните служби во Свети Николе поради големата поврзаност на нашите граѓани со оваа општина, отворање нови работни места за да ги задржиме младите во Лозово и за таа цел веќе имам инвеститори од Холандија и Италија за отворање на фабрика за фарбање на кожи“ – посочи Алексиќ.
Меѓу останатите проекти таа ги најави организирана нега и помош за стари лица, изградба на современ градски пазар, реконструкција на поштата, изградба на дом на култура за театарски и филмски претстави, повеќе инфраструктурни зафати, формирање спортски клуб и месна заедница, како и обновување на зградата на гробиштата – проект кој, како што рече, сакала да го започне уште пред изборите, но била спречена од други градоначалнички кандидати.
„Ќе воспоставам целосна соработка со жителите на Лозово и ќе ги поддржам сите идеи и проекти што ќе произлезат од нив. Мојата врата како градоначалничка ќе биде секогаш отворена, затоа што силата е во луѓето“ – нагласи Алексиќ.



