ЕКСПЛОЗИЈА ВО ВЛАЕ Пукната цевка остави половина Скопје без вода

ЕКСПЛОЗИЈА ВО ВЛАЕ Пукната цевка остави половина Скопје без вода

Синоќа делови од Скопје останаа без вода поради голем дефект на главната водоводна мрежа во населбата Влае. Од Јавното претпријатие „Водовод и канализација“ информираат дека причината за дефектот биле повеќе краткотрајни прекини во снабдувањето со електрична енергија кај бунарите на Лепенец, кои предизвикале варијации на притисокот во пумпниот систем.

Како резултат на тоа, пукнала водоводна цевка со дијаметар од 600 милиметри на улицата „Франце Прешерн“, што предизвикало вистински хаос во овој дел од градот. Голем дел од населбите Влае, Ѓорче Петров, Карпош, Тафталиџе, Центар и Аеродром останаа без вода или со значително намален притисок.

Жителите на Влае раскажуваат дека околу 22 часот чуле силна експлозија и почувствувале тресење на куќите. „Помисливме дека е земјотрес, но потоа видовме дека улицата се претворила во река“, велат жителите. Водата почнала да продира во дворовите и подрумите, оставајќи зад себе голема материјална штета.

Екипите на „Водовод и канализација“ веднаш излегле на терен, го обезбедиле местото и спречиле поголеми оштетувања. Утрово започна целосна санација на дефектот, а од претпријатието соопштија дека, благодарение на алтернативен доток на вода преку цевковод од другата страна на Вардар, снабдувањето постепено се стабилизира.

Според првичните информации, дефектот би требало целосно да биде отстранет во текот на денот, по што водоснабдувањето во сите засегнати делови на градот ќе биде нормализирано.

CATEGORIES
Share This