АГРО САЕМ ВО СТРУМИЦА Прогласени најдобрите жени и млади фармери

Во рамки на саемот беа доделени и признанија за најдобрите производители на мед од Балканот. Настанот се одржа со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Струмица.

АГРО САЕМ ВО СТРУМИЦА Прогласени најдобрите жени и млади фармери
Фото: Принтскрин

На плоштадот „Гоце Делчев“ во Струмица денеска се одржа петтото издание на манифестацијата „Агро саем Струмица 2025“, на кое беа изложени разновидни земјоделски производи и механизација.

За најдобри жени фармери беа прогласени Катерина Трајкова од Велес и Славица Малинова од струмичкото село Куклиш. Наградите за најдобри млади фармери ги добија Васил Гавровски од Босилово, Кристина Тодорова од Неготино и Ристе Гоцевски од Моноспитово.

Организатор на настанот беше здружението „Проагро фармери“ од Струмица. Претседателот Борче Јанев нагласи дека целта на саемот е поддршка на домашното производство, подигање на свеста за значењето на македонската храна и поттикнување на граѓаните да купуваат домашни производи.

„Со овој саем сакаме да ги запознаеме посетителите со нашите локални производители – вистински херои кои произведуваат храна со квалитет. Нивните приказни и производи заслужуваат да бидат слушнати и пробани, а наша обврска е да ги поддржиме со тоа што ќе купуваме македонски производи,“ изјави Јанев.

Манифестацијата ја отвори заменик градоначалничката на Струмица, Елена Магеровска Паликарово. Таа истакна дека Струмица како еден од најголемите земјоделски региони во земјата, со вакви настани ја потврдува својата улога во промоцијата и поддршката на домашното производство.

„Нашето поднебје нуди идеални услови за квалитетно производство. Важно е да го цениме и промовираме домашното, да ги поттикнуваме производителите и да придонесуваме за економски развој од кој корист ќе имаме сите,“ рече Магеровска Паликарово.

Во рамки на саемот беа доделени и признанија за најдобрите производители на мед од Балканот. Настанот се одржа со финансиска поддршка од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Општина Струмица.

CATEGORIES
Share This