Ги лажеа и Глигоров и јавноста – Кој и зошто ја укина ОА „Автомобил“

Сепак, Глигоров барем го виде документот со кој се укинува ОА „Автомобил“, кој, лично му го покажав и поради што беше непријатно изненаден, а верувам дека некои работи му станаа и појасни!

Ги лажеа и Глигоров и јавноста – Кој и зошто ја укина ОА „Автомобил“
Фото: Национал

Колумна, Национал
проф. д-р Јанко Бачев
3 октомври, петок, 2025 година

На денешен ден пред 30 години, Македонија ја доживеа една од најмрачните страници во својата понова историја – обидот за атентат врз тогашниот претседател Киро Глигоров.

Автомобил-бомба со околу 20 килограми експлозив, активирана со далечинска команда, ја потресе престолнината и државата ја внесе во период на неизвесност и политичка турбуленција.

Триесет години подоцна, вистината за тој ден сè уште е завиткана во мистерија. Јавноста ккао и Глигоров додека беше жив постојано беа уверувани дека истрагата е отворена и дека институциите „работат“ на случајот.

Но, еден интерен документ на МВР го разобличува токму спротивното. Во телеграма, испратена од врвот на Министерството до сите организациони единици на тајната служба и криминалистичката полиција, стои јасно: „Штабот на Оперативната акција Автомобил веќе не постои како посебна организациона целина“. Со други зборови, акцијата заведена со псевдонимот „Автомобил“, чија задача беше да го координира собирањето на сознанија и докази за атентатот, е укината.

Да појаснам, оперативна акција се заведува со цел извршување на конкретни задачи во земјата и странство, кои бараат организирано и синхронизирано ангажирање на поголем број агенти на тајната полиција, каде се слеваат сите информации и сознанија со поширока примена оперативно-технички средства и методи.

Укинувањето на оперативната акција значи само едно: истрагата престанала да се води на организиран начин. Од тој момент, евентуалните информации за атентатот се препуштени на случајноста – ако некој таен агент налета на нешто, да пријави.

Ова не е само пропуст, туку скандал. Наместо систематски напори за расветлување на атентатот кој можеше да ја дестабилизира целата држава, истрагата е оставена на случајност. Уште потрагично е што и самиот Глигоров, до крајот на животот, беше убедуван дека истрагата е активна, дека институциите работат, наместо отворено да му кажеа дека токму заради неработењето, истрагата никогаш не била блиска ниту до мотивите, ниту до извршителите?

Денес, суштинското прашање останува исто: зошто се лажат граѓаните дека државата бара одговори за атентатот, кога токму државата ја укинала ОА „Автомобил“ која требаше да ги даде тие одговори? Кој и со која цел ја донел одлуката да се укине Штабот и ОА „Автомобил“?

Без разлика на тоа какви ставови имаме за политиките на Глигоров, факт е дека тој бил претседател на државата. Обидот за негово убиство не е само напад врз него лично, туку и врз Македонија.

Се разбира, има уште неколку (битни) прашања со кои не би го опрететувал текстот во оваа прилика, како на пример, за аматерската истрага, за причините зошто не треба нарачателите на атентатот да се бараат одвнатре, како и за трите верзии за атентаторите, а во тој контекст и за пошироката конспирација во која се вклучени и меѓународни линии и наши линии на поддршка кое нешто може да биде појдовна основа за некоја идна евентуална истрага за атентатот, која, за жал, е укината!?

Триесет години подоцна, наместо вистина, имаме само молк и полуинформации. Наместо правдина, имаме една голема празнина. А јавноста (Глигоров не дочека) и натаму чека одговор на прашањето: Кој и зошто ја укина Оперативната акција „Автомобил“?

Сепак, Глигоров барем го виде документот со кој се укинува ОА „Автомобил“, кој, лично му го покажав и поради што беше непријатно изненаден, а верувам дека некои работи му станаа и појасни!

 

 

CATEGORIES
TAGS
Share This