ПАДНАА НАЧАЛНИК, ДИРЕКТОР И ПОЛИЦАЈЦИ -15 приведени за пустошење шуми
Вчера, при обид за прикривање на траги од кривичното дело, организаторот бил фатен на лице место

Специјализираното обвинителство поведе истрага против 15 лица, меѓу кои полициски службеници, директор на ЈП „Национални шуми“ – подружница Малешево и началник на ОВР Делчево. Тие се товарат за злосторничко здружување, пустошење на шуми, злоупотреба на службена положба, како и давање и примање поткуп.
Според обвинителството, групата во текот на 2025 година организирала нелегална сеча на околу 6.000 хектари шума, при што биле исечени над 1,5 милиони кубни метри дрвна маса со вредност од повеќе од 6,4 милијарди денари. Дрвото потоа било продавано како легално исечено.
Полициски службеници им давале информации за патроли, а директорот на шумите и началникот на полицијата во Делчево ги прикривале активностите. Првосомничениот, во име на правното лице, му дал на директорот поткуп од 6.100 евра за да одобри нелегална сеча.
Вчера, при обид за прикривање на траги од кривичното дело, организаторот бил фатен на лице место. Обвинителството побара притвор за сите 15 осомничени.


