„ФАСЦИНАНТНА ДОСЛЕДНОСТ И СУПТИЛНА САМОКОНТРОЛА“ – Биљана Драгиќевиќ-Пројковска ја освои главната награда на фестивалот „Ристо Шишков“
Наградата ѝ беше доделена за улогата на Корин Фел во претставата „Гидеоновиот јазол“ од Џона Адамс, во продукција на Драмски театар – Скопје.

Актерката Биљана Драгиќевиќ-Пројковска е добитничка на наградата за најдобро актерско остварување на 33. издание на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. Наградата ѝ беше доделена за улогата на Корин Фел во претставата „Гидеоновиот јазол“ од Џона Адамс, во продукција на Драмски театар – Скопје.
Наградата вклучува златен медалјон со ликот на Ристо Шишков, 1.500 евра и плакета, и ќе ѝ биде врачена дополнително. Жирито, предводено од ланскиот лауреат Лео Долорес Поповиќ, ја пофали нејзината „фасцинантна доследност и суптилна самоконтрола“.
Специјална награда за најдобра претстава беше доделена на „Ричард Трети“ од Народниот театар – Битола, во режија на Мартин Мирчевски.
Фестивалот заврши со изведбата на претставата „Мајка“ од Флоријан Зелер, на велешкиот театар „Ј.Х.Џинот“.


