ПРЕМИЕРОТ СО ПОВИК ЗА ОБЕДИНУВАЊЕ Не дојдов за богатство, туку за трага и иднина за нашите деца ако сите приоднесеме
Мицкоски нагласи дека од првиот ден на функцијата не заборава на граѓаните и дека иднината на државата зависи од сите заедно.

8 Септември не е само датум, ниту случајност. Тој е симбол на континуитетот на стремежите на еден од најмалите народи во Европа, народ кој низ историјата платил висока цена во многу битки. Денес повторно сме исправени пред времиња што бараат храброст и одлучност. Повторно мораме да направиме вистински избор – изборот на работа, на заедништво и на иднината што ќе им ја оставиме на нашите деца. Независноста не е потпис на хартија. Таа е жртва, борба и љубов кон оваа света земја. Таа е аманет од предците, но и завет кон идните генерации. Затоа денес повикувам – да се обединиме! – порача премиерот Христијан Мицкоски на централната свеченост по повод 34 години од осамостојувањето на државата.
Осврнувајќи се на изминатите децении, Мицкоски истакна дека секој премиер има обврска да се поклони пред оние кои ја сонуваа и извојуваа независноста, но и пред сите кои ја чуваа надежта и копнежот за своја држава.
Тој најави неселективна правда, подобар животен стандард и политики за зголемување на наталитетот. Притоа, посочи на големата слабост на македонската држава во изминатите 34 години – чувството на разочараност од системот.
„Не зборувам за партиски битки и пресметки. Говорам за државнички одговорности. Тоа разочарување произлегува од неправедната политика, од мачната транзиција, од криминалот кој ја нагризуваше секоја пора на општеството. Многумина што ја водеа државата беа дел од криминалниот канцер, а правдата остана немоќна. Затоа впечатокот е дека богатите кои нечесно заработуваат, не лежат во затвор“, рече Мицкоски.
Тој додаде дека тоа мора да се смени – правдата не смее да прави разлика по политичка или финансиска припадност, туку единствено по тоа дали е прекршен законот.
„И оние што мислат дека се недопирливи, треба да знаат – правдата ќе ги стигне, порано или подоцна“, порача премиерот.
Мицкоски нагласи дека од првиот ден на функцијата не заборава на граѓаните и дека иднината на државата зависи од сите заедно.
„Не дојдов за да стекнам богатство или име. Дојдов за да оставам трага за мојот народ и иднина за сите деца. Од првиот ден гледам во очите на народот и ги стегам дланките што ја хранат Македонија и го носат најтешкиот товар. Тие изнамачени дланки се суштината на нашата држава. Ние сме должни да даваме, да се жртвуваме и да придонесуваме. Македонија има иднина, ако сите заедно ја градиме и храбро зборуваме за заканите што стојат пред нас“, заврши Мицкоски.
