ГАТУЗО СО НОВИ МЕТОДИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА – Распадори открива детали

ГАТУЗО СО НОВИ МЕТОДИ ВО РЕПРЕЗЕНТАЦИЈАТА – Распадори открива детали

Италијанскиот напаѓач Џакомо Распадори открива дека новите методи на селекторот Џенаро Гатузо не се само метафори, туку и практични техники. По убедливата победа на Италија над Естонија со 5:0, Распадори призна дека Гатузо ја разбудил екипата на многу интересен начин, вклучувајќи и буквални шамари, како што пренесува football-italia.net.

Во триумфот против Естонија, Распадори остави свој печат веднаш по влегувањето на теренот, со асистенција и гол постигнат само 90 секунди подоцна. Заедно со него, Матео Ретегуи двапати се запиша во листата на стрелците, додека Моизе Кин и Алесандро Бастони постигнаа по еден гол. По завршувањето на натпреварот, Бастони сподели дека Гатузо дал „неколку шамари“ на тимот за да ги мотивира.

На прашањето дали тоа е само метафора, Распадори за Sky Sport Italia изјави: „Не, делеше вистински шамари, добив еден по вратот. Гатузо ни влеа одлучност и борбеност. Ние сме талентирани играчи, само треба тоа да го покажеме на теренот. Игравме вистински натпревар од почеток до крај, не е лесно да се постигнат пет гола против ваква екипа. Мораме да веруваме дека сме на вистинскиот пат.“

Гатузо, кој е дел од генерацијата која го освои Светското првенство во 2006 година, е назначен за селектор токму поради неговиот победнички менталитет. Како играч, беше познат по својата страсност и став, а сега тие квалитети ги пренесува и како тренер. Распадори додаде: „Имав среќа да го гледам додека игра, така што сето тоа го препознавам во начинот како се движи на тренинг и како комуницира со нас. Ни покажува колку е важен дресот на Азурите и што претставуваме. Брзо го прифативме тоа и се подготвивме на најдобар начин, а сега треба да продолжиме да го правиме истото.“

Италија започна натпреварот во новата формација 4-2-3-1, со акцент на офанзивната игра. Распадори истакна: „Свесни сме дека треба да постигнуваме повеќе голови и тоа мора да го пробаме да го форсираме. Естонија докажа колку е тешко да се пробие. Додека не го постигнавме првиот гол, беше навистина тешко.”

CATEGORIES
Share This