ОВИЕ ГЛОДАРИ МОРА ДА ЗАВРШАТ ВО ЗАТВОР – Мицкоски за прислушувањата
Тој порача дека очекува сите инволвирани да понесат одговорност

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и актуелен премиер, Христијан Мицкоски, заедно со неколку новинари и најмалку еден јавен обвинител биле незаконски следени и прислушувани од лица од македонската тајна полиција – Агенцијата за национална безбедност (АНБ) во периодот од 2019 до 2024 година, објавија дел од медиумите. Обвинителството засега не ги потврдува, но ниту ги демантира овие наводи.
Од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО-ГОКК) потврдуваат дека добиле известувања од АНБ и дека е отворен предмет.
„Обвинителството веднаш отвори предмет по кој активно се постапува во насока на испитување на наводите од известувањата. Во моментов станува збор за спроведување на предистражна постапка,“ соопштија од ОЈО-ГОКК, додавајќи дека поради тајноста на постапката не можат да откријат детали.
Премиерот Мицкоски изјави дека не е изненаден што бил таргет на тајните служби.
„Двете агенции – АР и АНБ темелно се занимаваа со мене, како претседател на тогаш најголемата опозициска партија. Но не само со мене, туку и со новинари, бизнисмени,“ рече тој.
На новинарско прашање додаде дека случајот е целосно во рацете на правосудните органи:
„Да оставиме процесот да тече, да видиме што ќе каже Обвинителството и судиите.“
Мицкоски нагласи дека прислушувањето за него не било изненадување:
„Веќе осум години сум на чело на ВМРО-ДПМНЕ. Навикнат сум на вакви луѓе – полусвет, кои наместо со убави работи, се занимаваат со туѓи животи, мислејќи дека така ќе напредуваат во своите кариери.“
Тој порача дека очекува сите инволвирани да понесат одговорност:
„Овие глодари мора еднаш засекогаш да завршат зад решетки и да се стави крај на злоупотребата на агенциите и нивните ресурси.“


