БОРЕЛ СО ПОФАЛБА ЗА ОСМАНИ – Европа го познава Бујар Османи како лидер што испорачува резултати
Тој нагласи дека е особено импресиониран од способноста на Османи да слуша, да гради мостови и да пронаоѓа решенија - квалитети што се клучни и во дипломатијата и во локалното управување.

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ и потпретседател на Европската комисија, Жозеп Борел, преку видео порака упати силна поддршка за кандидатот на Националната алијанса за интеграција за општина Чаир, Бујар Османи, истакнувајќи го неговото лидерство и посветеност.
Обраќајќи им се на жителите на Чаир, Борел изрази задоволство од долгогодишната соработка со Османи.
„Голема чест е да зборувам за човек со кој тесно соработував повеќе години. Како министер за надворешни работи на Северна Македонија и претседавач со ОБСЕ, тој покажа визија, лидерство и длабока посветеност кон дијалогот и соработката,“ рече Борел.
Тој нагласи дека е особено импресиониран од способноста на Османи да слуша, да гради мостови и да пронаоѓа решенија – квалитети што се клучни и во дипломатијата и во локалното управување.
„Знам колку силно верува во спроведувањето на европските ветувања на локално ниво. Неговото искуство со европските институции ќе му овозможи на Чаир да има корист од европските фондови и програми – за подобра инфраструктура, образование, повеќе работни места и поквалитетни услуги,“ потенцираше Борел.
Тој потсети дека Европа го препознава Османи како лидер што реализира и додаде:
„Сигурен сум дека граѓаните на Чаир ќе го видат како градоначалник кој слуша, обединува и носи напредок за секого. Тој го подигна гласот на својот народ на меѓународната сцена, а сега е подготвен истата посветеност да ја донесе и на улиците и во населбите на Чаир. Ви испраќам поздрави од Сантандер и му посакувам успех во оваа важна мисија,“ заклучи Борел.


