41 ПОЖАР ЗА ЕДНО ДЕНОНОЌИЕ На шест места во Македонија огнот сè уште не е ставен под контрола
ЦУК утрово регистрира активни пожари кај Штип, Струга, Сарај, Студеничани, Ѓорче Петров и Кичево. Пет пожари се под контрола, а 30 се целосно изгаснати.

Во изминатото деноноќие во земјава се регистрирани вкупно 41 пожар на отворен простор, од кои шест се активни, пет се ставени под контрола, а 30 се целосно изгаснати, информира Центарот за управување со кризи (ЦУК).
Најкритична е состојбата на шест локации каде што пожарите и натаму се активни. Во општина Штип, пожарот се шири на просторот меѓу селата Селце, Пухче, Степанци и Лакавица, каде што гори ниска вегетација.
Активни пожари има и во општина Струга, во селата Пискупштина, Луково и Буринец, каде што е зафатена шума. Во село Копаница во општина Сарај гори нискостеблеста шума и ниска вегетација, додека пожар е активен и во село Палиград во општина Студеничани, каде што се зафатени ниска вегетација и мешана шума.
Пожар има и во село Грачани во општина Ѓорче Петров, каде што гори нискостеблеста шума, како и во село Тајмиште во општина Кичево, на местото викано Дардара, каде што огнот зафатил ниска вегетација и мешана шума.
Под контрола се пет пожари. Тие се регистрирани во селата Битово, Заград и Страјане, Драгов Дол и Белица во општина Македонски Брод, над селото Палиград во општина Зелениково, каде што гори мешана шума, како и на градската депонија во Делчево.
Во текот на изминатото деноноќие се изгаснати 30 пожари на подрачјето на повеќе општини.
Пожари биле регистрирани и успешно локализирани во Велес, Чашка, Демир Капија, Ново Село, Струмица, Валандово, Боговиње, Јегуновце, Гостивар, Прилеп, Долнени, Виница, Сарај, Арачиново, Чучер-Сандево, Студеничани, Шуто Оризари, Могила, Липково, Ранковце, Куманово, Старо Нагоричане и Струга.
Според ЦУК, меѓу локациите каде што избувнале пожарите имало ниска и нискостеблеста вегетација, шума, пасишта, депонии и ѓубришта, а во еден случај бил зафатен и автомобил со борова шума.

