ОД БРАК ДО ФАСАДА Општините лани поделиле над 4 милиони евра финансиска помош

58.290 граѓани добиле средства по 92 различни основи, а за иста намена општините исплаќале различни суми.

ОД БРАК ДО ФАСАДА Општините лани поделиле над 4 милиони евра финансиска помош
Фото: Принтскрин

Вкупно 63 општини во земјава во текот на минатата година издвоиле 4.056.482 евра за различни видови финансиска поддршка и дотации за своите жители. Сумата е за речиси еден милион евра повисока во однос на 2024 година, покажува најновото истражување на Центарот за граѓански комуникации.

Според анализата, финансиската помош била доделувана по дури 92 различни основи, а поединечните износи достигнувале и до 100.000 денари за склучување брак и до 200.000 денари за изработка на фасада.

Од различните форми на општинска помош биле опфатени вкупно 58.290 граѓани.

Најголем број жители со финансиска поддршка опфатиле општините Гази Баба и Кисела Вода, со по повеќе од 10.000 корисници. Од друга страна, најмногу средства исплатиле скопските општини Аеродром и Центар, кои поединечно издвоиле повеќе од половина милион евра.

Истражувањето покажува и значителни разлики во начинот на кој општините ја распределуваат помошта. Секоја локална самоуправа има свои правила, називи и критериуми, а нема ниту усогласеност во висината на средствата за иста категорија.

Така, за новороденче општините исплаќаат од 3.000 до 30.000 денари, додека финансиската поддршка за прваче се движи од 2.000 до 8.000 денари.

Од Центарот за граѓански комуникации посочуваат дека останува отворено прашањето дали општините воопшто имаат ингеренции за доделување на вакви видови помош, особено имајќи предвид дека секоја од нив применува различни правила, процедури, постапки, износи и категории на корисници.

Целосната анализа на Центарот за граѓански комуникации е достапна во нивното истражување за општинските дотации.

CATEGORIES
Share This