МИЦКОСКИ ОД БРИСЕЛ СО НАЈАВА ЗА УШТЕ 75 МИЛИОНИ ЕВРА Доста е од билатерализација, да зборуваме за резултати
Македонија очекува зголемување на европскиот финансиски пакет од 750 на 825 милиони евра, а премиерот најави и скорешна имплементација на проектот со кој македонските граѓани ќе користат мобилни услуги во ЕУ по домашни цени.

Премиерот Христијан Мицкоски од Брисел испрати порака дека Македонија продолжува со спроведувањето на реформите и очекува конкретно вреднување на постигнатите резултати од страна на Европската Унија.
На работната средба со европското трио, на која присуствувале претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, и еврокомесарката за проширување, Марта Кос, биле разгледани проширувањето на ЕУ, реформската агенда, Планот за раст и досегашниот напредок на Македонија.
Една од главните теми биле и конкретните придобивки од спроведените реформи, меѓу кои приклучувањето кон СЕПА и завршувањето на техничките преговори со Европската комисија за проектот „Роам лајк ет хоум“ (Roam Like at Home).
Станува збор за проект со кој македонските граѓани при користење на мобилните услуги во земјите на Европската Унија ќе можат да комуницираат по домашни цени, без дополнителни трошоци за роаминг. Според Мицкоски, следниот чекор е целосната имплементација и ставање во функција на оваа поволност.
„Уште еден олеснителен пакет за македонските граѓани. Ние како држава продолжуваме и понатаму да испорачуваме проекти кои се дел од реформската агенда. Очекуваме и овој декемвриски извештаен период да помине одлично, повторно да бидеме најдобри фронтранери“, изјави премиерот.
Покрај реформите и европската поддршка, Мицкоски најави дека Македонија очекува дополнување на финансискиот пакет во рамки на Планот за раст. Станува збор за зголемување од 10 проценти на веќе одобрените 750 милиони евра, што би значело дополнителни 75 милиони евра.
Премиерот нагласи дека Владата останува посветена на реформите, но истовремено инсистира на принципот дека напредокот кон Европската Унија треба да се оценува според исполнетите критериуми и постигнатите резултати.
Во разговорите со европските претставници, Мицкоски ја истакнал и потребата евроинтегративниот процес да се врати на принципот на заслуги, наместо да биде оптоварен со билатерални прашања.
„Доста е од билатерализација, доста е од билатерални прашања, да зборуваме за заслуги, да зборуваме за учинок. И ние како Македонија тоа го правиме и тука. Ќе се бориме за она што е наш аргумент, ќе се бориме за македонските граѓани“, порача Мицкоски.
По работната средба, премиерот најави и работна вечера со европските претставници, додека за утре неговата агенда предвидува присуство во Собранието, каде што ќе одговара на пратенички прашања.

