31 ПОЖАР ЗА ЕДНА НОЌ Еве каде огнот сè уште не е запрен
Три пожари и натаму се активни низ земјава, додека 24 се целосно изгаснати, кај Чичево огнената линија достигнала околу 10 километри

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека во земјава и натаму се активни три пожари на отворен простор, додека четири пожари се ставени под контрола. Во изминатото деноноќие, до 07:30 часот, биле регистрирани вкупно 31 пожар на отворен простор, од кои 24 се целосно изгаснати.
Активни остануваат пожарите на подрачјето на општините Студеничани и Зелениково, каде огнот зафаќа мешана шума на потегот Моране – Вртекица – Рамни Габер, со крак кон Палиград, како и над селото Вражале. Пожар има и на територијата на Гостивар и Македонски Брод, на потегот од селото Трново кон Битово и Заград. Таму гори нискостеблеста шума, ниска вегетација и папрат. Третиот активен пожар е во Општина Чашка, над селото Нежилово, во месноста Сватови, каде што гори смрека.
Под контрола се пожарите во Кичево, во селото Тајмиште, месноста Дарда, каде е зафатена високостеблеста букова шума; пожарот меѓу резерватот „Јасен“ и селото Брезница во Македонски Брод, каде гори ниска вегетација и борова шума; како и пожарите на градската депонија „Мелци“ во Кавадарци и на депонијата во Делчево. Во текот на ноќта биле изгаснати 24 пожари, регистрирани на територијата на Сарај, Гази Баба, Чучер-Сандево, Арачиново, Петровец, Илинден, Прилеп, Струмица, Кичево, Струга, Градско, Чашка, Виница, Делчево, Пробиштип, Куманово, Теарце и Гостивар.
Големиот пожар кој вчера повеќе од 13 часа беснееше во реонот на Долно и Горно Чичево, доцна синоќа, околу 22:20 часот, бил целосно изгаснат. Во гаснењето учествувале екипи на ТППЕ Велес, со помош од пожарникарите од Кавадарци и Неготино, пет доброволци од Доброволното друштво од Неготино, екипи и возила на Дирекцијата за заштита и спасување, како и три „ер трактори“ и хеликоптер на МВР.
Благодарение на брзата интервенција, огнот не се проширил до куќите во двете села, а биле спасени и овоштарниците и лозовите насади во нивните атара. Пожарот избувнал вчера околу 9 часот кај Долно Чичево, по што брзо се проширил кон Горно Чичево. Поради тешкиот и непристапен терен, огнената линија се проширила на околу 10 километри, кон околните ридови.

