Аргентинските власти се обидуваат да утврдат дали земјата е почетниот извор на хантавирусот поврзан со крузерот „MV Hondius“, кој отпловил од Јужна Америка на 1 април.

Властите во Аргентина се обидуваат да утврдат дали земјата е извор на смртоносната епидемија на хантавирус поврзана со крузерот „MV Hondius“, кој пловел низ Атлантикот откако тргнал од Јужна Америка на 1 април.
Според извештаи, се работи за трка со времето за следење на патниците, бидејќи дел од нив веќе се вратиле во своите матични држави пред бродот да биде запрен кај Капо Верде. На крузерот, на кој имало околу 150 луѓе, досега се пријавени три смртни случаи и најмалку седум заболени од хантавирус.
Аргентина е една од земјите со највисока појава на оваа ретка болест што ја пренесуваат глодари, а властите интензивно работат на утврдување на изворот на заразата меѓу патниците.
Министерството за здравство пријавило над 100 случаи на хантавирус од јуни 2025 година, што е значително зголемување во споредба со претходната година. Станува збор за андскиот сој на вирусот, кој може да предизвика тешка белодробна болест со висока смртност.
Дел од патниците биле позитивни на вирусот, а неколку лица починале, додека други биле евакуирани и хоспитализирани во различни земји. Во меѓувреме, здравствените служби во повеќе држави се вклучени во следење и тестирање на потенцијално заразени патници.
Иако преносот на хантавирус меѓу луѓе е редок, во некои случаи е забележано ограничено ширење меѓу блиски контакти.
Дополнително, загриженост предизвикуваат и патниците што биле симнати од бродот на островот Света Елена, дел од кои подоцна отпатувале во различни земји, вклучително и САД. Властите сега се обидуваат да ги лоцираат сите контакти и да спречат понатамошно ширење на вирусот.
Околу 40 патници од крузер кој бил погоден од епидемија на хантавирус се истовариле на јужноатлантскиот остров Света Елена, соопштија холандските власти.
Холандското Министерство за надворешни работи информира дека меѓу патниците кои го напуштиле бродот се наоѓа и сопругата на холандски државјанин кој починал за време на патувањето, како и уште две лица кои претходно биле под лекарски надзор или хоспитализирани, пренесува АП.
Министерот за надворешни работи на Холандија, Том Берендсен, во писмо до парламентот потврди дека патниците биле истоварени при застанување на оддалечениот остров, но засега не откри каде се наоѓаат во моментов.
Инаку, Хантавирусот се пренесува кога ситни честички од урина и измет од глодари ќе се распрснат во воздухот, најчесто при чистење простории каде што има присуство на глувци. Според Светската здравствена организација (СЗО), пренос од човек на човек е исклучително редок.
Заболувањето обично започнува со симптоми слични на грип, но може брзо да се влоши и да доведе до срцева и белодробна инсуфициенција. Според податоци на американскиот Центар за контрола и превенција на болести, околу 40% од случаите завршуваат со смртен исход.
Во моментов не постои специфичен лек за хантавирус, па третманот се базира на поддржувачка нега, вклучително и употреба на респиратори во потешките случаи.
