123 ГОДИНИ ОД СМРТТА НА ДЕЛЧЕВ – Единствена Македонија со силна порака
Пораки што отвораат нови дилеми за насоката на Македонија.

Денес се навршуваат 123 години од загинувањето на Гоце Делчев, еден од најзначајните дејци во историјата на македонската националноослободителна борба. По тој повод, од политичката партија „Единствена Македонија“ упатија порака до јавноста со повик за национално обединување и одбрана на македонскиот идентитет.
Во соопштението, од партијата потсетуваат дека визијата на Делчев била создавање на самостојна и слободна македонска држава, а дека денешната генерација има историска одговорност да ја зачува таа држава пред, како што се наведува, „притисоците и обидите за нејзино разнебитување“.
„Овој ден треба да биде потсетник за сите Македонци дека само обединети можеме да ѝ се спротивставиме на непријателите на македонското дело и разноразните стратеги за бришење на Македонците од светската мапа на нации“, се вели во соопштението.
Од „Единствена Македонија“ сметаат дека досегашното чествување на Делчев со положување цвеќе е симболично, но недоволно, и дека е потребна „активна демократска борба за неговите идеали“ и за зачувување на слободна, суверена и независна Македонија.
„Нашата борба не е лесна, но мора да истраеме. Ова е борба за опстанокот на цел еден народ – борба за Македонија. Нашата света должност е да победиме“, се наведува понатаму.
Во соопштението на Единствена Македонија се нагласува и историската одлука на Делчев да го напушти мирниот живот на учител и да се посвети на револуционерната дејност, со што, како што велат од партијата, „ја трасирал патеката за македонската државност“.
„Гоце можеше да си биде само учител и да не биде револуцинер, да не одеше во планините, но, ако беше така, Македонија денес можеби ќе ја немаше“, посочуваат од партијата.
Од Единствена Македонија порачаа дека Делчев останува столб на македонската државност и симбол на националната борба – „бил, е и ќе остане Македонец“.
