ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ ПОДГОТВУВА ТЕАТАРСКИ БУМ – Две нови претстави ја тресат сцената

Премиера во Битола, потоа гостувања низ целата држава.

ЗЛАТЕН ЕЛЕЦ ПОДГОТВУВА ТЕАТАРСКИ БУМ – Две нови претстави ја тресат сцената
Фото: Принтскрин

Независниот театар „Златен Елец“ од Скопје започна со подготовките за дуодрамата „Свињи“ од Томислав Зајец, во режија и адаптација на Тамара Стојаноска.

Претставата е копродукција меѓу театарот и Центарот за култура Битола, а по премиерата е планирано да гостува низ повеќе градови во земјата, како дел од редовната пракса на овој независен ансамбл.

Во „Свињи“ играат Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, музиката ја потпишува Лука Тоше, а извршен продуцент е Бобан Алексоски. Делото, кое важи за едно од најизведуваните на Зајец, преку апсурд, црн хумор и гротеска ги отвора темите на моќта, одговорноста, самотијата и бегството од реалноста. Во фокус е и прашањето како насилството се нормализира во општество кое функционира по повторливи модели, додека реалноста често се заменува со паралелни светови во кои контролата и доминацијата стануваат „нормални“.

Режисерката Тамара Стојаноска нагласува дека претставата не се стреми кон осуда, туку кон разбирање на механизмите што го создаваат насилството и на системот што го репродуцира. Премиерата е најавена за почетокот на јули во Битола, по што следуваат гостувања и фестивалски настапи. Проектот е поддржан од Министерството за култура и туризам.

Паралелно, „Златен Елец“ продолжува со проби за новата претстава „Теорема“ од Пјер Паоло Пазолини, во режија на Мирко Радоњиќ. Претставата се работи по адаптација на истоименото дело на Пазолини, кое постои како филм и роман од 1968 година и претставува парабола за мистериозен странец што влегува во животот на едно буржоаско семејство, по што секој од членовите се соочува со лична празнина и промена.

Во актерската екипа на „Теорема“ се Златко Митрески, Бобан Алексоски, Бранко Михајлоски, Ана Јовановска, Леонида Гулевска и Стефан Вујисиќ, драматург е Ева Камчевска, а костимограф Лина Лековиќ. Премиерата е закажана за 2 јули во Младинскиот културен центар во Скопје, со втора изведба на 3 јули на отворено во Сули Ан, во рамки на „Скопско лето“.

Проектот е поддржан од „Хартефакт“ во рамки на програмата „Култура за развој“, со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка и Министерството за култура и туризам.

Покрај премиерите, театарот најавува и фестивалски настапи, меѓу кои и учество на МТФ „Војдан Чернодрински“, „Скопско лето“ и Нишвил – Меѓународниот театарски фестивал во Ниш со претставата „Сина сенка“ од Брајан Рејнолдс, како и гостувања со други постари и нови продукции.

CATEGORIES
Share This