ДВЕ ТЕРОРИСТИЧКИ АРМИИ – Моџтаба Хамнеи жестоко удри по САД и Израел

Иранскиот лидер порача дека народот покажал хероизам и единство во, како што рече, историскиот отпор против САД и Израел.

ДВЕ ТЕРОРИСТИЧКИ АРМИИ – Моџтаба Хамнеи жестоко удри по САД и Израел
Фото: Принтскрин

Врховниот лидер на Иран, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, по повод втората годишнина од смртта на поранешниот претседател Ебрахим Раиси, порача дека Иран води „уникатен историски отпор“ против, како што ги нарече, „две глобални терористички армии“, САД и Израел.

Во пораката, пренесена од иранската агенција Тасним, Хамнеи истакна дека земјата се соочува со сериозни историски предизвици, поради што одговорноста на државните институции е поголема од кога било.

Тој нагласи дека иранскиот народ покажал херојство, единство и поддршка кон државата, оценувајќи дека токму тоа претставува сила во период на политички и безбедносни тензии.

„Денес сме сведоци на хероизмот на иранскиот народ во историски отпор против две глобални терористички армии. Тоа дополнително ја зголемува одговорноста на службениците на Исламската Република Иран“ – изјави Хамнеи.

Според него, институциите имаат обврска да одговорат на економските и секојдневните проблеми со кои се соочуваат граѓаните.

Поранешниот ирански претседател Ебрахим Раиси загина во хеликоптерска несреќа во северозападниот дел на Иран во мај 2024 година. Во несреќата животот го загубија и министерот за надворешни работи Хосеин Амир Абдолахијан, како и уште неколку високи функционери.

CATEGORIES
Share This