ЗЕЛЕНСКИ СО ЕКСКЛУЗИВНО ТВРДЕЊЕ Кина ѝ порачала на Русија ниту да не помислува на нуклеарно оружје

Украинскиот претседател тврди дека Кина испратила јасна порака до Москва да не размислува за употреба на нуклеарно оружје, а информацијата ја добил од европски лидери за време на самитот на НАТО.

ЗЕЛЕНСКИ СО ЕКСКЛУЗИВНО ТВРДЕЊЕ Кина ѝ порачала на Русија ниту да не помислува на нуклеарно оружје
Фото: Принтскрин

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека, според информации добиени од европски лидери, кинеските власти ја предупредиле Русија да не размислува за употреба на нуклеарно оружје како одговор на украинските напади врз руска територија.

Говорејќи пред новинарите, Зеленски рече дека во руските медиуми се појавиле дискусии за можен нуклеарен одговор, но оцени дека реакцијата од Пекинг била јасна.

„Мислам дека сте слушнале гласови во руските медиуми: ‘Што ако одговориме на украинските напади со нуклеарно оружје?’ Ми се чини дека ова беше првпат Кина директно да одговори со предупредување дека не треба ниту да се размислува за употреба на нуклеарно оружје“, изјави Зеленски, пренесува бриселски Политико.

Според украинскиот претседател, за наводната интервенција на Пекинг дознал за време на самитот на НАТО во Анкара, каде со европските лидери разговарал за можната улога на Кина во напорите за завршување на војната во Украина. Зеленски откри дека за ова прашање разговарал и со американскиот претседател Доналд Трамп, но нагласи дека не сака да ја открива содржината на нивниот разговор. Иако Русија во мај одржа нуклеарни воени вежби во Белорусија, рускиот претседател Владимир Путин досега не упати директна закана за употреба на нуклеарно оружје против Украина.

Во меѓувреме, поединечни руски политичари продолжуваат јавно да ја споменуваат таа можност. Пратеникот од Санкт Петербург, Виктор Перов, минатиот месец повика рускиот парламент да побара од Путин да одобри употреба на нуклеарно оружје против Украина, тврдејќи дека таков потег би можел да го принуди украинското раководство да прифати мировен договор.

CATEGORIES
Share This