ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ – Од 8.503 рибари, само 70 се жени, производството на риба падна за 20% во една година

Уловот од внатрешни води во пораст, пастрмката најзастапена во домашното производство

ЗАГРИЖУВАЧКИ БРОЈКИ – Од 8.503 рибари, само 70 се жени, производството на риба падна за 20% во една година
Фото: Принтскрин

Вкупното производство и улов на риба во 2025 година изнесувале 1.992 тони, што претставува пад од 19,5% во однос на 2024 година. Според податоците на Државниот завод за статистика, намалување е забележано и кај аквакултурата, каде што производството во 2025 година достигнало 1.847 тони, односно 21% помалку во споредба со претходната година.

Во истата година, уловот од внатрешните води изнесувал 145 тони, што сепак претставува пораст од 5,1%. Во рамки на аквакултурата биле произведени и 126.781 килограм подмладок, како и 15,1 милион парчиња икра. Најзастапен вид како подмладок е виножитната пастрмка.

За одгледување риба најчесто се користат рибници, базени, канали и кафези. Во структурата на производството во 2025 година, 1.175 тони отпаѓаат на пастрмка, 546 тони на крап, додека 126 тони се од други видови риби.

Во секторот рибарство и аквакултура се вработени 278 лица, од кои 129 работат во аквакултурата, а 149 во рибарството. Со рекреативен риболов се занимаваат 8.503 лица, при што само 70 од нив се жени.

CATEGORIES
Share This