ВЛАДАТА ГО ВРАЌА ДДВ Еве што ќе се случи со цените на горивата

Дизелот поевтинува, бензините речиси без промена, интензивни преговори со „Окта“ за дополнителни попусти.

ВЛАДАТА ГО ВРАЌА ДДВ Еве што ќе се случи со цените на горивата
Фото: Национал

Владата денеска ќе одржи вонредна онлајн седница на која се очекува да донесе одлука за делумно продолжување на мерките за цените на горивата. Според најавите на премиерот Христијан Мицкоски, повластената стапка на ДДВ за бензините од 10 отсто ќе биде вратена на редовните 18 отсто, но граѓаните и понатаму ќе добиваат поддршка преку акцизната политика.

Намалените акцизи од два денари по литар, кои важат за бензин и дизел, остануваат во сила. Дополнително, се водат разговори со компанијата „Окта“ за можност за дополнителен попуст во првата половина на јуни.

Според првичните владини пресметки, комбинирањето на мерките не би требало да предизвика ценовни шокови за потрошувачите. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека се очекуваат различни движења кај горивата.

„Кога ќе ги земеме предвид сите овие мерки, очекувам цената на бензините да остане иста или да има мало зголемување од околу половина денар, додека дизелот би требало да поевтини за околу 6 до 6,5 денари“, изјави Мицкоски.

Тој додава дека конечната пресметка ќе ја направи Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) која утре ќе ги изврши финалните пресметки и ќе ги соопшти новите цени на нафтените деривати кои ќе важат на бензинските пумпи.

Во моментов, во земјата бензинот ЕУРОСУПЕР БС-95 се продава по цена од 87,5 денари за литар, ЕУРОСУПЕР БС-98 чини 89,5 денари, а дизелот се продава по 92 денари за литар.

Како одговор на енергетската криза и економските последици од војната на Блискиот Исток, Владата претходно донесе пакет мерки за ублажување на растот на цените на светските берзи.

Покрај намалениот ДДВ и акцизите, беше воведен и директен попуст од домашниот снабдувач од 2 до 3 денари по литар.

Според овие мерки, Македонија моментално има едни од најниските цени на горивата во регионот, што, според оценките, довело и до зголемена побарувачка и појава на т.н. „нафтен туризам“ на бензинските пумпи во близина на граничните премини со соседните земји.

CATEGORIES
TAGS
Share This