ЗАГРЕБЧАНИ ВООДУШЕВЕНИ ОД МАКЕДОНСКАТА ЧАЛГИЈА Езгија квартет ја крена салата на нозе

Преполна сала, повеќе од 18 музички изведби и долготрајни аплаузи во македонскиот КИЦ во Загреб – традиционалниот македонски звук ги спои емоциите, културата и генерациите.

ЗАГРЕБЧАНИ ВООДУШЕВЕНИ ОД МАКЕДОНСКАТА ЧАЛГИЈА Езгија квартет ја крена салата на нозе
Фото: Принтскрин

Магијата на македонската традиционална чалгиска музика го исполни македонскиот Културно-информативен центар (КИЦ) во Загреб, каде што Филип Шурбевски – Езгија квартет приреди целовечерен концерт исполнет со емоции, музичка виртуозност и звуците на богатото македонско културно наследство.

Пред преполната сала, музичарите преку повеќе од 18 изведби го претставија автентичниот македонски чалгиски израз, потсетувајќи ја публиката на времињата кога музиката, песната и дружењето биле неразделен дел од градскиот живот.

Во квартетот настапија врвните професионални музичари Филип Шурбевски, Костадин Андоновски, Мајкл Карадаковски и Митко Наумовски, кои со својата изведба ја пренесоа емоционалната длабочина и препознатливиот звук на македонската чалгија.

На почетокот на концертот, директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска, ја истакна посебноста на овој музички жанр, нагласувајќи дека чалгијата не е само музика, туку целосно доживување во кое се преплетуваат емоциите, традицијата и заедништвото.

Како значаен дел од македонското музичко наследство, чалгијата сведочи за вековните културни допири на Балканот и богатството на македонската градска традиција. Со својот специфичен звук, таа ги поврзува минатото и сегашноста, зачувувајќи го духот на старите времиња и пренесувајќи го на новите генерации.

Концертот привлече бројни гости, меѓу кои високи претставници на Министерството за култура и медиуми на Хрватска, претставници на локалната власт, македонски и хрватски институции и организации, дипломатскиот кор, универзитетски професори, како и Македонци кои живеат, работат или се образуваат во Загреб.

Големиот интерес, преполната сала и долготрајните аплаузи ја потврдија важноста на ваквите културни настани, кои преку музиката ја пренесуваат емоционалната сила на македонската традиција и ја доближуваат до меѓународната публика.

Преку организирањето на вакви настани, македонскиот КИЦ во Загреб продолжува да ја афирмира македонската култура во Хрватска, поттикнувајќи меѓусебно запознавање, културна соработка и зајакнување на пријателските врски меѓу двете земји.

Концертот на Филип Шурбевски – Езгија квартет е дел од годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и е реализиран со поддршка на Министерството за култура и туризам.

CATEGORIES
Share This