ВУЧИЌ БАРА КФОР ДА ГО СПРЕЧИ ОТВОРАЊЕТО НА МОСТОТ – НАТО одговори
Српскиот претседател предупредува на ризици за Србите и другото неалбанско население, а Алијансата повикува на внимателна одлука.

НАТО смета дека евентуалното повторно отворање на главниот мост на Ибар меѓу Северна и Јужна Митровица за моторен сообраќај треба да ги земе предвид потребите и безбедносните интереси на сите локални заедници, изјави функционер на Алијансата.
Функционерот, одговарајќи на прашање на Радио Слободна Европа во врска со писмото што српскиот претседател Александар Вучиќ го испратил до генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, истакна дека Руте „е во редовен контакт со претседателот Вучиќ“.
Вучиќ во писмото побарал од КФОР да го спречи повторното отворање на мостот преку Ибар, оценувајќи дека одлуката за повлекување на силите на КФОР од мостот и вклучувањето на косовската полиција во безбедносната архитектура во близина на манастирот Високи Дечани биле прерани.
Според Вучиќ, актуелните безбедносни проценки на КФОР не ги земаат доволно предвид сите ризици за безбедноста на српското и другото неалбанско население на северот на Косово.
Тој дополнително предупредил на ризиците за безбедноста на манастирот Високи Дечани, кој го опиша како значајно место на српското и светското културно наследство.
Од НАТО, пак, посочуваат дека секоја одлука поврзана со мостот треба да биде донесена со внимание кон потребите на сите локални заедници и безбедносната состојба на теренот.

