ВОЗАЧИ ВНИМАВЈАТЕ – АМСМ со важно предупредување за неколку патни правци

Зголемен интензитет на сообраќајот, можни одрони на повеќе делници и изменет режим поради градежни работи.

ВОЗАЧИ ВНИМАВЈАТЕ – АМСМ со важно предупредување за неколку патни правци
Фото: Национал

Сообраќајот на државните патишта во земјава се одвива непречено и по суви коловози, информира Автомото сојузот на Македонија (АМСМ). Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е зголемен, додека на граничните премини од македонска страна во моментов нема подолги задржувања за влез и излез од државата.

АМСМ апелира до возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да управуваат внимателно. Посебна претпазливост се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност за појава на одрони.

Внимание се препорачува особено на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.

Од 17 август до 1 октомври 2026 година, поради санација на косината на автопатот А4, на делницата Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица Преод, ќе има изменет режим на сообраќај.

Летен режим за тешки товарни возила

До 31 август важи летниот режим на сообраќај, со кој се забранува движење на тешки товарни возила со вкупна маса над 15 тони во одредени периоди за време на викендите, како и во денови со екстремно високи температури.

Забраната важи:

  • петок: од 17:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 09:00 до 18:00 часот;
  • недела: од 09:00 до 22:00 часот.

Во денови со екстремно високи температури, забраната од понеделник до четврток важи од 11:00 до 17:00 часот.

Од режимот се изземени возила што превезуваат животни, цвеќе, хуманитарна помош, жито и житни култури, леснорасиплива стока, нафта и нафтени деривати, опасни материјали, како и возила ангажирани на проекти на државните патишта.

На магистралниот пат А2 Скопје – Охрид – Скопје, до 1 септември важи посебна забрана за тешки товарни возила со вкупна маса над 7,5 тони за време на викендите.

Таму забраната важи во следните периоди:

  • петок: од 15:00 до 22:00 часот;
  • сабота: од 07:00 до 12:00 и од 18:00 до 24:00 часот;
  • недела: од 07:00 до 22:00 часот.

Посебниот режим е воведен поради зголемениот број туристи во летниот период, со цел да се избегнат сообраќајни застои и задржувања кај наплатните станици.

Работи и изменет режим на повеќе делници

Во тек се градежни и санациски активности на повеќе патни правци низ земјава.

На Р1204 во Штип, од 6 јули е воспоставен времен режим на сообраќај поради санација на мостот на реката Брегалница, кој ќе трае до завршување на работите.

На државниот пат А2 Гостивар – Стража се врши санација на мостовите бр. 4, вијадукт на Атанасова Река, и бр. 7, вијадукт на Дол. Поради градежните активности е воспоставен времен режим на сообраќај.

Санациски работи се изведуваат и на мостовите на А2 на реката Вардар кај село Желино, во двата правци, Скопје – Желино и Желино – Скопје.

На автопатот А1, на делницата Смоквица – Гевгелија, се изведуваат активности за поставување интерконективен гасовод под автопатот, поради што е поставена соодветна сигнализација за времен режим.

На скопската обиколница А2 во тек е рехабилитација на делница во должина од околу 250 метри, од клучката Волково до клучката Кондово. Затворена е левата лента за претекнување, а сообраќајот се одвива по средната и десната лента.

Времен режим на сообраќај е воспоставен и на регионалниот пат Р1202 Косоврасти – Мелнички Мост, каде се врши санација на свлечиште.

Во рамки на изградбата на Коридор 10Д, на патниот правец Прилеп – Битола сообраќајот е пренасочен по регионалниот пат на делницата од клучката Лагово до Тополчани.

Во меѓувреме, патниот правец Охрид – Ресен преку Националниот парк Галичица е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.

CATEGORIES
Share This