ВОЗАЧИ ВНИМАНИЕ Од утре камерите на „Безбеден град“ се палат во Охрид, Струга, Кичево и Дебар
Од 12 октомври започнува сообраќајниот надзор на подрачјето на СВР Охрид. МВР најавува засилени контроли, а системот во државата веќе се поврзува со намалување на бројот на повредени во сообраќајни несреќи.

Системот за сообраќаен надзор „Безбеден град“ од утре, 12 октомври, започнува со работа и во Охрид, Струга, Кичево и Дебар.
Министерството за внатрешни работи информира дека по завршените технички проверки и финалните тестирања, камерите ќе бидат ставени во функција на сообраќајниците на подрачјето на СВР Охрид.
Од МВР очекуваат со активирањето на системот да се овозможи засилена и континуирана контрола на сообраќајот, побрзо откривање на прекршоците, поголема сообраќајна дисциплина и подобрување на безбедноста на патиштата.
Министерството упатува апел до сите возачи доследно да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и со одговорно однесување да придонесат за побезбеден сообраќај.
Системот „Безбеден град“ во државата е во функција од 1 февруари годинава. По неговото воведување, следуваше период на адаптација од два и пол месеци, во кој граѓаните беа известувани и контролирани за сообраќајните прекршоци, додека системот се тестираше и унапредуваше.
Според информациите што ги сподели министерот за внатрешни работи при неодамнешната посета на Охрид, бројот на повредени во сообраќајни несреќи годинава е намален за 20 проценти во споредба со истиот период минатата година, односно евидентирани се 34 жртви помалку, како што беше наведено во информацијата.
ВОЗАЧИ ВНИМАНИЕ „Безбеден град“ од понеделник почнува да снима и во Охрид

