ВНИМАНИЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Магла ја намалува видливоста на Стража, нови градежни работи на патот Штип-Радовиш
Сообраќајот се одвива по влажни коловози, а кај клучката Бучим од утре ќе има наизменично пропуштање на возилата.

Сообраќајот на државните патишта се одвива непречено, но по влажни коловози, додека маглата ја намалува видливоста на планинскиот превој Стража до 100 метри. АМСМ информира и за нови градежни активности поради кои од утре ќе има изменет режим на сообраќај на експресниот пат Штип–Радовиш.
Намалена видливост поради појава на магла има на планинскиот превој Стража, каде таа е сведена на 100 метри. Интензитетот на сообраќајот надвор од градските средини е умерен, а на граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
Од 24 ноември 2026 година (вторник), на експресниот пат Штип-Радовиш, во близина на клучката Бучим, ќе започнат градежни активности за замена на оштетена еластомерна дилатација на мостот на километар 26+913. Поради работите ќе бидат поставени семафори, а сообраќајот ќе се одвива наизменично.
АМСМ апелира до возачите да ја приспособат брзината на движење, да ја почитуваат поставената сообраќајна сигнализација и да управуваат внимателно, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони.
Посебна претпазливост се препорачува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево
Од 15 ноември 2026 година започна законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата, без оглед на моменталните временски услови. Обврската важи до 15 март 2027 година.
Од 17 ноември патниот правец Охрид–Ресен преку Националниот парк Галичица е затворен за сообраќај за сите видови возила, согласно сезонскиот режим на сообраќај.

