ДОМОТ 11 ОКТОМВРИ ОДБЕЛЕЖУВА 80 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ Илјадници детски судбини, една мисија – секое дете да добие шанса за подобра иднина

Во земјава денес има 392 згрижувачки семејства во кои се згрижени 674 деца, а институциите најавуваат дополнителна поддршка за нивно осамостојување и полесно вклучување на пазарот на трудот.

ДОМОТ 11 ОКТОМВРИ ОДБЕЛЕЖУВА 80 ГОДИНИ ПОСТОЕЊЕ Илјадници детски судбини, една мисија – секое дете да добие шанса за подобра иднина
Фото: Принтскрин

Јубилејни 80 години постоење, илјадници детски приказни и генерации кои во него ги направиле првите чекори кон самостоен живот. Јавната установа Детски дом „11 Октомври“ одбележува осум децении посветени на грижата, заштитата и поддршката на децата без родители и родителска грижа.

Зад осумдесетгодишната историја на институцијата стојат бројни детски судбини, надежи и соништа, но и генерации вработени кои грижата за најранливите ја претвориле во животна мисија. Многумина токму во овој дом го поминале детството, се образувале и ги направиле првите чекори кон независен живот.

Одбележувањето на јубилејот е потсетник дека секое дете заслужува сигурност, топлина, поддршка и еднаква можност за подобра иднина. Од институцијата посочуваат дека во изминатиот период условите за грижа се унапредени, бројот на згрижувачки семејства е зголемен, а кадровските капацитети се зајакнати.

„Од вас научивме што значат храброста, надежта и вербата во подобро утре. Вашите успеси и секој нов чекор напред се најголемата потврда дека нашата работа има смисла. Можеби не можеме да му го промениме почетокот на секое детство, но можеме да направиме многу за секое дете да има подобра иднина. Тоа е нашата мисија, тоа е нашата одговорност, тоа е нашата човечност“, изјави Павлина Трајановска, директорка на Детскиот дом „11 Октомври“.

Во земјава моментално функционираат 392 згрижувачки семејства, во кои се згрижени вкупно 674 деца. Но, институционалната и општествената одговорност кон овие млади луѓе не завршува со нивното полнолетство. Напротив, токму тогаш започнува нов предизвик – нивното целосно осамостојување, вработување и стекнување економска независност.

Министерот за труд и социјална политика, демографија и млади, Ѓоко Велковски, посочи дека една од целите е да им се овозможи на младите полесен пристап до пазарот на трудот и услови за самостојно градење на сопствената иднина.

„Нашата цел е да им овозможиме на овие млади луѓе полесен пристап до пазарот на трудот, можност за вработување, економска независност и самостојно градење на сопствената иднина. Грижата за овие деца не завршува со нивното полнолетство. Напротив, токму тогаш започнува еден нов и исклучително важен период во кој им е потребна дополнителна поддршка за успешно да се интегрираат во општеството и да станат самостојни“, изјави Велковски.

Осумдесет години историја на Детскиот дом „11 Октомври“ не се само приказна за една институција, туку и сведоштво за илјадници детски животи, човечка посветеност и надеж. Мисијата останува иста – секое дете, без оглед на околностите во кои го започнало животот, да добие дом, сигурност, поддршка и можност за подобра иднина.

CATEGORIES
Share This