ВНИМАНИЕ ЗА ВОЗАЧИТЕ Еве каде има прекин, а каде изменет режим на сообраќај
Од 07:40 часот е во прекин сообраќајот за ТМВ, додека на останатите патишта се вози по суви коловози

ПРЕКИН НА СООБРАЌАЈОТ
Од 07:40 часот е во прекин сообраќајот за товарни моторни возила (ТМВ) на патниот правец Р1101 Битола – Прилеп.
СОСТОЈБА НА ПАТИШТАТА
Сообраќајот на останатите државни патишта се одвива непречено, по суви коловози.
Зголемен е интензитетот на сообраќајот на патните правци надвор од градските средини. На граничните премини од македонска страна нема подолги задржувања за влез и излез од државата.
ВНИМАТЕЛНО ВО КЛИСУРИТЕ И ДОЛИНИТЕ
Од АМСМ апелираат возачите да ја прилагодат брзината, да ја почитуваат поставената сигнализација и внимателно да управуваат со возилата.
Посебна внимателност се препорачува на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде постои можност од појава на одрони. Ова особено се однесува на делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево.
ОТВОРЕН ПРАВЕЦОТ ОХРИД – РЕСЕН ПРЕКУ ГАЛИЧИЦА
Патниот правец Охрид – Ресен, преку Националниот парк Галичица, е отворен за сообраќај за сите видови возила до 3,5 тони.
РАБОТИ НА ПАТИШТАТА
Во тек се градежни активности на повеќе патни правци низ државата, поради што на дел од нив е воспоставен времен режим на сообраќај.
- На автопатот А4 Миладиновци – Свети Николе – Штип, кај наплатната станица Преод, од 17 август до 1 октомври е изменет режимот поради санација на косина.
- Во Штип, поради санација на мостот на реката Брегалница на патот Р1204, сообраќајот се одвива според времен режим.
- На патот Гостивар – Стража продолжуваат работите на мостовите кај Атанасова Река и Дол, со воспоставен времен режим.
- На патот А2 кај Желино, на мостовите над Вардар во двата правци, се изведуваат санациони работи и важи времен режим на сообраќај.
- На автопатот А1, делница Смоквица – Гевгелија, се изведуваат работи за премин на интерконективен гасовод, поради што е поставена сигнализација за времен режим.
- На скопската обиколница А2, на делницата од клучката Волково до клучката Кондово, се врши рехабилитација во должина од околу 250 метри. Затворена е левата лента за претекнување.
- На регионалниот пат Косоврасти – Мелнички Мост продолжуваат работите на санација на свлечиште, поради што е воспоставен времен режим.
- На патниот правец Прилеп – Битола, поради активностите поврзани со Коридорот 10Д, движењето на возилата е пренасочено на регионалниот пат од клучката Лагово до Тополчани.
КИЧЕВО – ОХРИД
На патниот правец Кичево – Охрид (А2), поради градежни работи на повеќе делници, сообраќајот се одвива со девијации. Возачите се повикуваат да ја почитуваат сообраќајната сигнализација и да возат со прилагодена брзина.
ДВИЖЕЊЕ НИЗ ЈАСЕН
Според информациите на АМСМ, движењето низ Јасен, на релацијата Скопје – Македонски Брод и обратно, е дозволено во определени временски интервали.
Скопје – Македонски Брод:
07:30–09:00, 12:00–12:45 и 16:00–18:00 часот.
Македонски Брод – Скопје:
06:00–07:00, 10:30–11:00, 13:00–13:45 и 18:30–20:00 часот.

