ВЛАДАТА РАБОТИ НА РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ – Приоритети плати, пензии и инвестиции

Во тек се усогласувања меѓу Министерството за финансии и ресорните министерства.

ВЛАДАТА РАБОТИ НА РЕБАЛАНС НА БУЏЕТОТ – Приоритети плати, пензии и инвестиции
Фото: Принтскрин

Сè уште траат консултациите за ребалансот на Буџетот за 2026 година, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски, за време на неговата посета на Виница, каде беше присутен на пуштање во употреба на нов пазар.

Тој посочи дека процесот е во тек и дека Министерството за финансии и ресорните министерства усогласуваат детали околу документот.

„Сè уште траат консултациите помеѓу Министерството за финансии и ресорите. Времињата се тешки, гледаме што се случува во светот. Во споредба со други држави, ударот врз нашиот Буџет не е толку голем, но целта е да се изнајде оптимално решение со доволно средства за капитални инвестиции“, изјави Мицкоски.

Тој потсети дека досега се реализирани околу 230 милиони евра за капитални инвестиции, односно приближно 14 милијарди денари од централниот Буџет.

Според него, очекувањата се до крајот на годината динамиката на капиталните инвестиции да продолжи, но и да се обезбедат средства за плати, пензии и социјални трансфери. Дополнително, истакна дека државата има обврски за отплата на камати и стари задолжувања во износ од околу три милијарди евра.

„Состојбата е тешка, но нема да очајуваме. Ние сме Влада и мораме да ја водиме државата онака како што очекуваат граѓаните“, додаде тој.

Премиерот ги отфрли тврдењата на опозицијата дека ликвидноста на државата е доведена во прашање, обвинувајќи дека претходната власт ја оставила државата во лоша финансиска состојба.

„Оставете ги тие изјави настрана. Ја оставија државата ограбена, со празна каса и големи долгови. Сега, по две години консолидација, почнавме да ги враќаме обврските. Годинава се најавуваа банкроти, но тоа не се случи. Тоа се политички небулози“, рече Мицкоски.

CATEGORIES
Share This