ВЛАДАТА ГО МЕНУВА БУЏЕТОТ ЗА 2026 Приходите 374,2 милијарди, расходите 420,5 милијарди денари
Измените се прават поради фискалното влијание од мерките за намалување на акцизата и ДДВ-то кај горивата, а буџетскиот дефицит останува на непроменето ниво.

Владата на денешната седница го разгледа и усвои Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот за 2026 година.
Со предложените измени се врши приспособување на приходната и расходната страна на Буџетот, како резултат на фискалното влијание од мерките што Владата ги презеде за поддршка на граѓаните и бизнисот, меѓу кои и намалувањето на акцизата и ДДВ-то кај горивата.
Според предлогот, вкупните приходи се проектираат на 374,2 милијарди денари, додека расходите се планираат на 420,5 милијарди денари.
И покрај измените, буџетскиот дефицит останува на непроменето ниво.
Од Владата велат дека целта е да се зачува стабилноста на јавните финансии, да се обезбеди непречено функционирање на институциите и реализација на планираните програми, како и навремено исполнување на сите финансиски обврски.
Предлогот за измени и дополнувања на Буџетот сега ќе биде доставен до Собранието, каде што треба да биде разгледан и усвоен.

