САД БАРААТ 6.000 РУДАРСКИ ИНЖЕНЕРИ, МАКЕДОНИЈА ГИ ГУБИ СВОИТЕ Каде ќе работат нашите кадри

Додека Вашингтон и европските земји инвестираат во критичните минерали и во создавање нова генерација рударски кадри, Македонија бележи пад на интересот за професиите од рударството и 8 отсто помалку вработени во секторот.

САД БАРААТ 6.000 РУДАРСКИ ИНЖЕНЕРИ, МАКЕДОНИЈА ГИ ГУБИ СВОИТЕ Каде ќе работат нашите кадри
Фото: Принтскрин:

Рударството повторно станува стратешка индустрија во светот. САД проценуваат дека во следната деценија ќе им бидат потребни околу 6.000 нови рударски инженери, додека европските земји инвестираат во обука на кадри за експлоатација и преработка на критични минерали.

Причината е економска и геополитичка – критичните минерали се сè поважни за енергетиката, технологијата, индустријата и производството на современа опрема, а државите сакаат да имаат поголема контрола врз сопствените синџири на снабдување.

Американското Министерство за енергетика, покрај инвестициите во рударството и преработката, посебно внимание посветува и на создавањето нова работна сила.

Помошник-секретарот на САД за енергетика и критични минерали, Одри Робертсон, предупредува дека земјата мора повторно да изгради стручен кадар за рударството и преработката на суровини.

„Во изминатите 30 години го препуштавме управувањето со синџирот на снабдување на надворешни партнери, а со тоа изгубивме и една генерација на таленти и знаење“, посочи Робертсон.

Според неа, во САД во текот на изминатата година дипломирале само околу 160 рударски инженери, наспроти приближно 3.000 во Кина. Токму овој јаз, според американските власти, покажува колкав предизвик претставува обновувањето на домашната рударска индустрија.

„За да ја вратиме таа работна сила, ќе бидат потребни решителни мерки и можности“, порача Робертсон.

Додека големите економии повторно го зголемуваат интересот за рударството, Македонија се соочува со спротивен тренд. Интересот за рударските професии е намален, иако земјата сè уште има образовни програми и кадри кои можат да одговорат на потребите на индустријата.

Деканот на Факултетот за природни и технички науки во Штип, професорот Ѓорѓи Димов, неодамна посочи дека и покрај намалениот интерес, Македонија сè уште продуцира рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животната средина.

„Намален ни е интересот за учење во рударските и геолошки училишта или високообразовни институции коишто се занимаваат со рударството, геологијата и заштитата на животната средина, меѓутоа сè уште постојат активни студиски програми и сè уште продуцираме рударски инженери, геолози и инженери за заштита на животната средина“, истакна Димов.

Тука се отвора и клучното прашање: ако Македонија сè уште создава стручни кадри, каде ќе го применат своето знаење? Одговорот, барем потенцијално, може да биде во нови инвестиции и активирање на поголеми рударски проекти.

Податоците покажуваат дека проблемот не е само во интересот на младите за професијата. Според Државниот завод за статистика, бројот на вработени во секторот „рударство и вадење камен“ во август 2026 година бил за 8 отсто помал во споредба со истиот месец минатата година.

Една од причините е фактот што во Македонија во изминатите четири децении не е отворен нов рудник. Како најсериозна најава за нова голема инвестиција се издвојува проектот „Иловица-Штука“, кој предвидува ископ на бакар и злато.

Инвеститорот најавува дека проектот би бил една од најголемите гринфилд инвестиции во земјата, со потенцијал за над 500 директни и околу 2.700 индиректни работни места, при што предност при вработувањето би имало локалното население.

За функционирањето на ваков проект би бил потребен широк спектар кадри – од рударски, машински и електроинженери, геолози, металурзи и геодети, до техничари, оператори на машини, механичари, електричари, заварувачи, хемичари, економисти, правници и административен кадар.

Глобалниот тренд покажува дека рударството повеќе не се гледа само како традиционална индустрија. Критичните минерали се поврзуваат со енергетската безбедност, технолошкиот развој и стратешката независност на државите. Американските власти истовремено се обидуваат да ги убедат локалните заедници дека современото рударство и новите технологии можат да ги намалат влијанијата врз животната средина.

Робертсон порача дека САД не можат целата технологија за преработка на суровини да ја препуштаат на други држави. За Македонија, трендот отвора дилема која станува сè поважна: дали земјата ќе ги задржи своите рударски и геолошки кадри и ќе создаде услови нивното знаење да се претвори во инвестиции и работни места – или младите инженери повторно ќе ја бараат својата иднина надвор од земјата?

CATEGORIES
Share This