ВЛАДАТА ГИ НАМАЛИ АКЦИЗИТЕ Еве колку ќе поскапат бензинот и дизелот
Без владината мерка бензинот би поскапел за околу четири денари, а дизелот за околу осум денари по литар.

Владата на вонредна седница донесе одлука со која се намалуваат акцизите на бензинот и дизелот, со цел да се ублажи растот на цените на горивата предизвикан од зголемувањето на цените на суровата нафта и нафтените деривати на светските пазари.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска информираше дека Владата продолжува со навремено следење на состојбите и преземање мерки за ублажување на последиците од кризата на Блискиот Исток.
„Внимателно ја следиме состојбата и реагираме навремено, со цел да ги заштитиме стопанството и животниот стандард на граѓаните“, посочи Димитриеска-Кочоска.
Од Владата информираат дека во изминатиот период е регистриран значителен раст на цените на суровата нафта и нафтените деривати на светските берзи. Поради тоа, како што наведуваат, се вршат дневни анализи на состојбите и се преземаат мерки за намалување на ценовниот притисок врз граѓаните и економијата.
Според владините пресметки, доколку не беше намалена акцизата, малопродажната цена на бензините би се зголемила за околу четири денари за литар. Со донесената мерка, очекуваното поскапување би изнесувало околу три денари за литар.
Кај дизелот, без владината интервенција цената би пораснала за околу осум денари за литар, додека со намалената акциза се очекува зголемувањето да биде ограничено на околу шест денари за литар.
Владата очекува Регулаторната комисија за енергетика, согласно законските надлежности, да ги утврди новите малопродажни цени на горивата. Според најавите, мерката треба да овозможи граѓаните да плаќаат пониски цени отколку што би плаќале без владината интервенција.
Министерката Димитриеска-Кочоска оцени дека намалувањето на акцизата ќе придонесе за стабилизирање на цените на нафтените деривати, а индиректно и за ограничување на растот на останатите цени.
Таа најави дека Владата и во наредниот период ќе продолжи внимателно да ги следи состојбите на меѓународните пазари и, доколку биде потребно, ќе презема дополнителни мерки за поддршка на граѓаните и стопанството.
Од Владата нагласуваат дека заштитата на животниот стандард, зачувувањето на економската стабилност и навременото реагирање при нестабилностите на меѓународните пазари остануваат меѓу главните приоритети.


