ВЛАДАТА ГИ КРАТИ ЦАРИНИТЕ Домашните компании добиваат огромен поттик за извоз
Мерката претставува продолжение на претходното намалување на царините од 2025 година.

Владата продолжува со економските реформи насочени кон поддршка на домашното производство и извозот. Премиерот Христијан Мицкоски денеска соопшти дека е донесена нова одлука за дополнително намалување и усогласување на царинските стапки за полупроизводи и суровини, мерка што треба значително да ја зголеми конкурентноста на македонските компании.
Од Гевгелија, каде присуствуваше на отворањето на новиот трговски центар „Mega Shopping Park“, Мицкоски посочи дека по минатогодишното намалување на царините за 50 проценти, Владата сега оди чекор понатаму со дополнително усогласување од уште 20 проценти. Со тоа, вкупното олеснување достигнува дури 70 проценти.
Министерството за финансии потврди дека Владата веќе го усвои Предлогот за измена на Законот за царинска тарифа, со кој царинските давачки целосно се усогласуваат со оние што важат во Европската Унија.
Новиот пакет опфаќа 70 суровини, компоненти и репроматеријали што домашните производствени компании ги користат во процесот на производство на производи со повисока додадена вредност. Целта е македонските фирми полесно и поевтино да доаѓаат до неопходните материјали, што директно ќе влијае врз зголемување на извозот и отворање нови можности на странските пазари.
Ова е продолжение на економските реформи започнати на 1 јули 2025 година, кога царинските стапки првпат беа значително намалени во однос на европските нивоа. Од Владата очекуваат дека со финализирањето на процесот и намалувањето до 70 проценти, домашната индустрија ќе добие силен импулс за раст, инвестиции и развој во наредниот период.
