ДЗС СО НОВИ ПОДАТОЦИ Помалку невработени, повеќе неформално вработени
Бројот на невработени лица е намален, додека над 94 илјади граѓани работат неформално, најмногу во земјоделството и градежништвото.

Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, бројот на невработени лица во првото тримесечје од 2026 година е намален за 1,0 отсто во споредба со последниот квартал од 2025 година, додека на годишно ниво падот изнесува 2,3 проценти.
Од вкупниот број невработени, 62,4 проценти се мажи, а 37,6 проценти жени. Стапката на невработеност кај младите на возраст од 15 до 29 години изнесува 24,6 проценти.
Во истиот период, бројот на вработени лица бележи благо намалување од 0,3 проценти. Од вкупниот број вработени, 57,9 проценти се мажи, а 42,1 проценти жени.
Податоците покажуваат и раст на неформалната вработеност. Во првото тримесечје од 2026 година регистрирани се 94.197 неформално вработени лица, што претставува зголемување од 4,3 проценти во однос на претходниот квартал. Најголем дел од нив се ангажирани во секторот Земјоделство, шумарство и рибарство 43,6 проценти, додека 17,5 проценти работат во секторот Градежништво.
